Петар Стевановиќ: Кога ќе ги удриш луѓето по џеб и самите ќе го подобрат педагошкиот пристап кон своите деца околу загадувањето на околината

Со Петар Стевановиќ, еко-активист и еден од основачите на невладината организација „За почиста Македонија“, зборуваме за прекумерното загадување на природната средина во Македонија и како тоа да се спречи…

Како ја оценувате состојбата со загадувањето на јавните површини со најразлични отпадоци низ целата држава?

 Македонија за жал се дави во многу расфрлано ѓубре насекаде. Дали идеш на прошетка низ парк, планина, река или во некое “заштитено“ подрачје, сликата е иста односно неубава како за нас домашните така и за посетителите кои што решиле да си поминат убаво во нашата природа. Баш за последната локација каде што организиравме чистка ни беше предложена од странец кој што бил во посета на Скопскиот аквадукт и останал запрепастен од ситуацијата во која го затекнал. Неговата реакција беше многу искрена и гостинот навистина беше загрижен за тоа како на нас домашните таквата слика ни станала нешто нормално. Нас не ни е воопшто мило што гостите што не посетуваат имаат прилика да видат такви грди слики, но затоа сме ние тука за да дејствуваме тоа да се промени и во иднина да им оставаме само позитивни спомени на сите туристи кои што ќе ја посетат нашата прекрасна Македонија. Се разбира тоа бара колективен напор како од надлежните органи така и од нас граѓаните, затоа нашата примарна цел е да ја подигнеме свеста кај граѓаните, а со тоа би ја олесниле работата и на службите.

Во Македонија има повеќе од 1.000 диви депонии, 57 комунални депонии, но и само една депонија која работи според стандардите. Предвидените шест регионални депонии никако да се изградат…

 Ние сме свесни за тоа дека постојат премногу диви депонии кои што никој не ги контролира, а притоа тие ни ја уништуваат почвата, загадуваат реките и ја грдат сликата на нашата прекрасна природа. Зошто граѓаните не добиваат нови, уредени и функционални депонии е политичко прашање и ние немаме одговор за истото, но затоа сме ние тука активни да ја покажеме потребата од истите и да извршиме притисок кон институциите да ги изградат и управуваат правилно депониите.

Како граѓаните, фирмите и др. да се натераат да не ги загадуваат градовите и природата со отпадоци? Со казни, со јавни кампањи, со едукации…?

 Ова е нешто што често го дискутираме и веруваме дека се од наведеното е потребно. Едукација за најмладите да почнува од најмала возраст, уште од градинка децата да се учат како треба да ја одржуваат природата чиста и убава. Ние работиме на тоа ваквите работи, како одржување на чиста околина да станат дел од едукациониот систем уште од најрана возраст. Планираме во иднина да организираме и работилници за подигање на свеста кај најмладите преку различни активности што ќе ја разбудат емпатијата кон животната средина, кон околината, а со тоа и кон блиските, а и самите себе. Иднината е во младите и иако ова звучи клише, сепак воспитувањето започнува од најмала возраст и верувам дека тоа е најдобрата инвестиција за да имаме почиста Македонија во иднина.

Казни за справување со несовесното однесување према околината се исто така функционален начин преку кој што може да се подигне свеста на населението. Колку смешно и да звучи кога ќе ги удриш луѓето по џебот и самите ќе го подобрат и педагошкиот пристап на своите деца во поглед на ова прашање. Сепак ова е во рацете на надлежните, наше е само да работиме на подигнување на свеста кај истите. Ако зборувањето за јавни кампањи, нашите акции може да се вклучат во полето на јавни кампањи бидејќи ние преку социјалните мрежи гледаме да допреме до што поголем број на сограѓани, а затоа треба да се вклучат и се вклучуваат медиумите, порталите и за тоа сме благодарни што голем број од медиумите пројавуваат желба да соработуваат, а тоа вдахнува позитива и мотив да продолжиме со нашата работа. Исто така повикуваме и други организации и активисти кои го делат нашето мислење да знаат дека има луѓе што ќе ги поддржат. Се надевам дека нашите акции ќе допрат и до повлијателните луѓе и друштва во државава кои пред се ќе ја видат нужноста од организирање на јавни кампањи како преку “меинстрим” медиумите така и на дело. Всушност целта е луѓето да воочат дека наштетувајќи и на природата, всушност си наштетуваат самите на себе.

Потребни ли се некои организациони промени во работењето на комуналните претпријатија по градовите и какви?

 Потребно е да се зголеми активноста на комуналните редари која што ќе се грижи за спречување на креирање нови диви депонии, иако сме свесни за реалната ситуација во државата, мислам на можноста за поголемо активирање на луѓе на терен, треба ние како граѓани да знаеме дека може да ги контактираме тие служби и дека се достапни за нас, сепак работата на терен од нивна страна не треба да се занемари, а која според нас има простор за подобрување. Пак ќе повторам дека се почнува од нас самите, граѓаните, а градот е само одраз на нашата култура. Секогаш квалитетна и добронамерна критика е потребна како би движеле напред, па така секогаш имаме некоја замерка кон градот и претпријатата што би можеле да ја прават на друг начин и поефективно. Пример на некои места почнува да се одлага нелегално градежен шут, пластика или било какво друго ѓубре, тука надлежните органи треба правовремено да дејствуваат тоа место да не прерасне во депонија, а за тоа треба да реагираат и граѓаните, но на нивниот повик правовремено треба да се јават органите.

 

Претходна вестГ.г. Стефан: Вселенската патријаршија ни поставува неприфатливи услови за томос – откажување од името на црквата, отстапување на дијаспората и признавање на украинската црква
Следна вестНорвешка и Ирска денеска ќе признаат независна палестинска држава