Кога ќе се донесе одлуката, ќе одлучам дали ќе се придружам на постарата ќерка, кажа во судот таткото на убиената Вања

Со солзи во очите и изјавата дека само сака разрешница за да одлучи дали ќе остане на овој свет, денеска во Врховниот суд настапи Александар Ѓорчевски, татко на убиената Вања Ѓорчевска. Тој зборуваше на јавната седница на која се решава по неговата жалба против мерката притвор во случајот со убиството на неговата ќерка Вања Ѓорчевска, а во кој тој е осомничен.

Порталот Скопје1.мк информира дека од почетокот на јавната седница па се до крајот, тој плачеше.

-Јас сум на два света во моментов. Едното дете се наоѓа тука, другото ми го земаа. Не ми е битно каде ќе ја дочекам оваа разрешница. Кога ќе се донесе одлуката ќе донесам лична одлука дали ќе се придружам на постарата ќерка, рече Ѓорчевски.

На рочиштето беа присутни и неговите родители, а врховните судии дозволија тие да поминат две минути заедно со синот.

Обвинителката Наталија Тасевска бара Александар Ѓорчевски, татко на Вања, да остане во притвор, додека неговиот адвокат Владимир Туфгеџиќ бара тој да биде да се брани од слобода.

Според обвинителката Тасевска постои висок ризик тој да избега или да го повтори делото. Немаше образложение врз основа на кои докази го искажува тоа тврдење.

Адвокатот Туфегџиќ му повтори и на Врховниот суд, дека Ѓорчевски е неоправдано во притвор и дека со тоа се прави уште една трагедија, покрај убиството на неговата ќерка. Посочи дека за притворот нема основана аргументација.

Во овој случај, Љупчо Палевски-Палчо е осомничен дека бил планерот, организаторот и реализаторот на двете убиства. Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев се осомничени за киднапирање и убиство на двете жртви. Александар Ѓорчевски, татко на убиената Вања се сомничи дека му дал информации на Палчо поврзани со времето кога неговата ќерка ја напушта зградата и оди на училиште.

Малолетната Вања и велешанецот Панче Жежовски, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Велес и Скопје на 3 декември.

Фото: Принтскрин од Скопје1.мк

Претходна вестКолева: Силјановска е само уште едно лице на ДПМНЕ, не нѝ треба реприза на Иванов
Следна вестВо близина на Битола се преврте цистерна со плин, возачот пренесен во болница