Дојранското езеро е украс на Македонија. Дали доволно е искористен тој регион за развивање на посериозен туризам? Има ли градот соодветна инфраструктура, се одржува ли веќе направеното? Природата многу дала, човекот е на потег да додаде…
Ако се прошета низ Дојран веднаш станува јасно зошто има само по некој транзитен турист од Србија или соседска посета од Грција… зошто има недоволен број на македонски гости кои всушност доаѓаат само во шпицот на летната сезона… . Веќе поминаа две децении откако Дојранското езеро беше спасено од пресушување со изградбата на хидро –системот од Ѓавачко поле. Сега водата ја има во изобилство, но не е се до водата. И до брегот е. А на него, одамна ништо посериозно не се прави, поминуваат годините додека да се почне друг проект, а во меѓувреме направеното почнало да пропаѓа.
Таква слика се добива кога ќе се посети градот во кој уште не може да се почуствува духот на модерна туристичка понуда. Да, некои промени се направени, но се гледа од авион дека тоа е недоволно. Направениот кеј како да е оставен на забот на времето. На повеќе места езерските бранови го искршиле и тоа е оставено непоправено. По кејот може да се шета само малку подалеку од центарот, а понатаму нема осветлување, има треви, исушени дрвја, ѓубре…
Практично, пешачката зона која била проектирана да оди скоро до границата со Грција сега е неуредена, запоставена и по неа одат само најупорните. Штета, а била добро замислена за трчање, пешачење… Но, има и погрди работи – по градот, се уште има неколку напуштени хотели кои делуваат морничаво, како да имало војна и населението набрзина напуштила убави згради на прекрасни локации. А не е набрзина, дваесетина години тоа стои така и никој не презема ништо тоа да се среди. Плажите, се исто така болна тема. Освен една плажа во центарот другото е запустено и неуредно.
Кој мисли дека со таква инфраструктура Дојран ќе привлекува гости? Нешто е направено, но тоа е премалку.
-Во Дојран имаше подобрувања во делот на хортикултурно средување и осветлување пред се на паркот. Но, за поатрактивен Дојран потребни се пред се плажи, средени со паркинг простор. Има доста места кои би биле одлични, ама се во катастрофална состојба, гнасни. Фалат и ресторани и кафе барови кои би работеле преку цела година. Нема ниту марина. Дојран е мал град и нема големи финасии, потребно е Владата да помогне за да стане подобра туристичка метропола, ни вели Ани Радеска.
Слично мисли и Оливера Вангелова:
-Треба да има повеке плажи. Моментално ќе се прави пешачка патека према граничен премин. По мое мислење во тој предел порано имаше многу убави плажи и треба акцентот да се даде на тоа, потенцира Вангелова.
Инаку, изградбата на пешачката патека се најави кон крајот на минатата година и таа треба да биде долга 1.285 метри од ресторанот „Гранико“ до Граничен премин Дојран. Се најавува и дека градот годинава ќе биде претставен на Меѓународниот туристички саем во Белград и дека за тоа треба да се изработи промотивен материјал. Се најавуваат и нови инвестиции за градби на нови автокампови, доаѓање на инфлуенсери за гастрономија и други активности. Но, колку овие работи ќе се реализираат? А што со поголемата хигиена, поправките на кејот..?
Работите досега бавно се менуваа па Дојран никако да „исплива“ од подпросечно туристичко места. Тоа мора да се смени. Владата треба да помогне. Природата многу дала, човекот е на потег.
Има па нема вода на чешмите
Проблемот со водоснабдувањето е причина која секое лето знае да им го загорчи престојот на туристите. Се случува во градот и по неколку дена да нема вода или од славините да тече минимално.
– Во летно време се случува да се нема вода ниту за пиење ниту за санитарни потреби. Тоа е проблем број еден, посебно во летните месеци, ни вели Ани Радеска.