Како и кој се ја конципира надворешната политика на Македонија? Ова прашање повторно е актуелно, оти излегоа на површина различни ставови кај министри од ДУИ и СДСМ околу важни прашања: Отворен Балкан, а и резолуцијата во ОН за Сребреница.
Имено, министерот за надворешни работи Бујар Османи изненади со најава дека ќе бара од Владата да го разгледа учеството на Македонија во Отворен Балкан – иницијатива од која веќе корист имаат и државата и многу нејзини граѓани.
-Кога се случи нападот во Бањска во Косово јас имав една изјава и реков ако има директна вмешаност на Србија во Бањска, тогаш треба да се преиспита учеството во Отворен Балкан. Бидејќи имам повеќе информации сега, што се случило во Бањска, планирам на затворена седница, да ја информирам Владата, а таа да одлучи како понатаму, истакна Османи.
Отворен Балкан почна да ги дава првите придобивки и затоа голем дел од јавноста не ја прифаќа иницијативата на Османи, за која некои сметаат дека е и повеќе наменета за корист на друга држава, а не за Македонија.
Спротивен став од Османи има и вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ:
-Ние инсистиравме да остане таа иницијатива отворена и таа остана отворена и се додека имаше и има поддршка од нашите стратешки партнери, треба во неа да партиципираме и да се фокусираме на конкретните придобивки без големи политички теми. Затоа што тие крупни политички теми блокираа други регионални процеси и не донесоа ништо добро, истакна Маричиќ.
Се сретнаа ли сега Маричиќ и Османи да разговараат за оваа тема?
Разни се ставовите на овие владини функционери и околу нацрт резолуцијата со која се предлага „Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница“. Османи сам си одлучил и дал упатства македонскиот амбасадор во ОН да биде ко-спонзор на резолуцијата.
-Јас ги донесувам тие одлуки, јас на дневна одлука носам одлуки за прифаќање или одбивање на резолуции, истакна Османи.
Маричиќ набрзо истакна:
-Ставот на Македонија е многу јасен и утврден со декларација на собранието уште на почетокот на 2010 година, тогаш едногласно нашето собрание ја поддржало резолуцијата на ЕП за Сребреница каде таа е осудена како геноцид. Меѓутоа треба да разграничиме две работи, едно е тоа во Сребреница, но таа дамка не може да се фрли врз целиот српски народ или Србија. Одговорноста кон Сребреница треба да се индивидуализира и затоа постојат меѓународни судови и трибунали таа треба да биде со име и презиме за да во никој случај не биде доведена со цел народ или цела држава, вели вицепремиерот.
Големо разногласие меѓу преставник на ДУИ и СДСМ во Владата.
Зарем не требало Владата да има искристализирано еден став за вакви важни прашања од надворешната политика? Политизација на дипломатијата не е добра работа.
Ќе најдат ли време Маричиќ и Османи да се сретнат и ја расчистат темава, сега кога се предизборно растрчани низ Македонија за да ни кажуваат дека работат за доброто на земјата?
Претседателот Стево Пендаровски гледа ли што се случува? Ќе реагира ли или и тој е растрчан низ земјава за да ни објаснува како сегашната надворешна политика (која ја крои и тој) и носи само добрини на Македонија?
Сепак, сите треба – мора да најдат време за темелно разгледување на ваквите прашања. Впрочем, темелноста треба да им е главна водилка – кога веќе се нафатиле да ја водат државата. А, еве, гледаме, се кандидираат и не уверуваат дека можат и во иднина да ја водат.