Стевчо Јакимовски: Не можеме да водиме политики кој како сака и само да бидат еднонасочни

Ние мора да имаме балансиран однос со сите соседи, Грција, Србија и Бугарија, не можеме да водиме политики кој како сака и само да бидат еднонасочни, изјави синоќа во Битола кандидатот за претседател на државата од ГРОМ и Коалицијата „Храбро за Македонија” Стевчо Јакимовски. Тој од плоштадот „Магнолија” во Битола упати остри критики на последните изјави на претседателскиот кандидат на ДУИ и „Европскиот фронт” Бујар Османи.

-Мене ми е жал што господинот Бујар Османи во оваа изборна кампања не можам да го слушнам да каже нешто за животот во Македонија и за подобрување на животот на граѓаните, туку ни пропагира политика на жирафи. Жирафата млекото го дава кај комшијата, а јаде од кај вас дома. Цело време го слушаме како бери гајле за Косово, но, никако да предложи нешто за подобар живот за граѓаните на Република Македонија. Ни кажува дека ако Косово не биде повикано на некој состанок, тој немало да присуствува како претседател на Република Македонија, или дека морало да се гласа на Косово во Советот на Европа. Јас само би го прашал Османи, зарем Македонија не стори доволно за Косово? Го дадовме небото за да биде бомбардирана СР Југославија, дадовме простор во Катланово, Петровец и во Куманово за воени бази на НАТО за напад на СР Југославија од Македонија. Го признавме Косово, ја маркиравме границата и досега сме гласале во сите институции за Косово. За возврат Косово и Албин Курти се мешаат во внатрешните работи на Република Македонија и кога јас ќе бидам претседател, ние мора да му покажеме и на Косово и на Курти дека ние сме држава, а тој не е, и дека натаму тој нема да добива наша поддршка. Но, во исто време сакам да го прашам господинот Османи, дали тој води сметка дека во оваа држава има и други етнички заедници и води ли сметка дека ние имаме и некој друг сосед. Што лошо ние имаме со Србите? Покрај тоа што сме го дале небото за бомбардирање на Србија, Србите ни ја признаа црквата, чесно вратија тоа што го зеле во 1918 година, се однесуваа крајно комшиски за време на короната и ние не можеме да ги нарушуваме односите со така голем сосед и еден од најголемите трговски партнери на Република Македонија. Предлогот на Османи Македонија да излезе од „Отворен Балкан” е штетен предлог, рече Јакимовски.

Претходна вестСтартува трката за пратеници, ќе се продолжи ли со валкана кампања?
Следна вестКој ја конципира македонската надворешна политика? Маричиќ ќе се сретне ли со Османи, а потоа и заедно да тркнат до Пендаровски?