Кој ќе го спречи ковид-кластерот во 9-ка,19-ка…?

Во ист ден кога министерот за здравство зборува за новиот сој на ковид 19, односно дека е лоциран кај 70 отсто од новозаболените, беа објавени фотографии по социјалните мрежи и во некои медиуми (република.мк) од метеж на автобуска станица и на влез во автобус. Станува збор за автобуска станица на линиите 9 и 19, но не се само тие автобуси преполни.

Самите граѓани велат дека е буквално исто секој ден. Ниту има редар кој би контролирал колку луѓе смеат да се качат, ниту пак побројни автобуски линии. Едноставно во 9-ка и 19-ка, односно во градските автобуси во Скопје, како да нема опасност од корона.

-Кластерот е одамна присутен, за какви мерки зборуваме, кога ветија а не овозможија побројни автобуски линии, кога на улица мораш со маски а во кафеана не ти требаат…Ние покажавме како држава дека за една година не знаеме една стратегија да подготвиме а камо ли да се бориме со вирусот, вели Зоран Ѓ. кој живее во Чаир.
-Двајцата кои се закануваа дека ќе ги дават патниците во киселина, па тие се секојдневие, можеби не толку брутално опасни, ама, во најдобар случај едноставно не носат маски, влегуваат во автобус и никој не ги казнува, ние само глумиме дека правилата важат за сите, нагласува, Маја П. од Карпош 2.

Додека скопјани револтирано коментираат, високите бројки од новозаразени се сигнал дека невниманието царува. Во исто време остануваат отворени прашањата: Зошто нема повеќе автобуси низ Скопје? Кој ќе одговара за евентуални кластери во автобусите на ЈСП? Неколку свадби и веселби на граѓани беа помпезно санкционирани, ама сликите од градскиот превоз изгледа не се доволен доказ за да одговараат тие што треба? Дали одржувањето на пописот не е се уште доведен во прашање, ако се знае дека добар дел од граѓаните нема да отворат врати за попишувачите да ги анкетираат? Сите овие прашања се поврзани со ковид пандемијата, а заклучокот е според народната „село гори- баба се чешла“.

Претходна вестКривата на починати и заразени оди нагоре: 13 починати и 582 нови случаи со коронавирус во 24 часа
Следна вестСе стесни кругот: Уште 9 наслови останаа во конукренција за „Роман на годината“