Се огласи заменичката министерка во ресорот образование. Откако со години на нејзиниот мандат јавноста се чудеше како изгледа Елизабета Наумовска, конечно се јави деновиве за да го објасни моделот како децата ќе учат од септември. Според моделот што таа накусо го изложи единствено што е јасно е дека маски и средства за дезинфекција ќе бидат придружните елементи, а оние деца кои се повеќе на број – ќе бидат поделени во групи. Децата со хронични болести ќе следат онлајн настава. Времетраењето на часовите во секоја варијанта ќе биде 20 минути.
Откако медиумите со месеци повикуваат надлежните да направат стратегија и анализа, а родителите се во апсолутен хаос заради неизвесноста и нивните работни места – ова е прва информација што дава одговор што со учениците на есен. Но, пак стратегијата ја нема – коментираат револтирано.
– Ако одат во две групи, едната група ќе оди подоцна, кој ќе ми го чува детето кога во 7.30 излегувам за на работа?!
– Со маски во училница??? Мислите дека некој воопшто ќе издржи?
– Децата што ќе следат онлајн настава, знаете кои се или допрва ќе правите анализа за септември а август веќе тече?!… се само дел од прашањата од родителите на кои надлежните до овој момент немаат одговор.
Единственото нешто што досега го направи државата, а јавноста е информирана – е прашалникот во електронска форма што им го испрати министерството преку наставниците на родителите. Во него самите родители требаше да дадат предлози како понатаму со наставата од септември. Но што е со оние родители кои се социјални случаи и немаат компјутер или интернет ни еден прашалник да пополнат, а секако имаат што да кажат?! И така, во круг…