ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија, а не акционерско друштво за да се преземе, порачува меѓународниот секретар на партијата, а сега и пратеник во новиот парламентарен состав, Тимчо Муцунски.
Ваквата негова порака доаѓа, откако градоначалникот на Кавадарци и поранешен потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Митко Јанчев, најави дека ќе ја преземе партијата.
-За мене терминологијата е многу значајна. ’Преземање‘ се прави на корпоративен ентитет. Постојат повеќе видови на преземања коишто ги познава современото корпоративно управување. За разлика од корпоративниот свет, во науката за политиката и политичката пракса статусот/функцијата во демократските земји се здобива преку демократски методи. ’Демократија‘ и ’преземање‘ се веројатно два најдалечни поими во еден современ политички систем. Во таа смисла, ВМРО-ДПМНЕ не е акционерско друштво туку политичка партија. Оттука, легитимитетот го дава и го одзема највредниот дел од партијата – членовите“, порача Муцунски преку Фејсбук.