Кој пропаѓа, а кој заработува на храната во Македонија?

Основните прехрамбени продукти стануваат се поскапи. Дури и она што може да расте на македонските ниви е скапо. Реални се цените?

Ова прашање си го поставуваат купувачите на пазарите, во маркетите. Кога ќе го постават на пазарџиите скоро секогаш се добива сличен одговор – „јас само некој денар поевтино набавувам на кванташки пазар“.

Граѓаните логично се прашуваат и дали цените се реални на Кванташки пазар или во фирмита каде се увезува на големо овошје, зеленчук…

Власта има многу вработени кои можат на ова да дадат одговор. Власта и донесе мерка за намалување и замрзнување на цените на 11 видови овошје и зеленчук.

Први на удар од мерките се последните во ланецот продавачи – пазарџиите:

-Кромидот го  продавам по 90 денари како и деновиве. Како да го продавам по 60 денари кога на големо го купувам по 75 денари и го нема никаде, изјавуваа револтирани пазарџии.

Еден продавач му порача на министерот за економија Бектеши да интервенира и да ги намали цените на големо на Кванташки пазар, а потоа тие ќе продаваат по пониски цени.

-Таму треба да се намалат цените оти ние таму го купуваме овошјето и зеленчукот. Ако таму се големи цените не можеме ние да продаваме поевтино отколку што плаќаме, револтирано прашува еден продавач.

Маката на земјоделците е исто така голема. Велат дека производството е скапо, а на крајот прекупците ги уценуваат со цените.

И така. Цената на храната на пазарите расте, а многумина кои работат околу храната велат немаат доволна заработка. Кој тогаш заработува или може сите се во загуби?

Се отвораат прашања коишто се суштински за тоа како функционира земјоделскиот пазар во Македонија, односно, кој од него фино заработува, а кој одвај преживува. На ова треба ресорните министри да бараат одговор.

Последниве недели излегува на виделина дека некои ставаат маржи од 200 и повеќе проценти!? Тоа мора институционално да се провери и државата да го спречи, за доброто на сите, оти прехраната е основна потреба и трошок, а и заради доброто на македонското земјоделие. Не може веќе да се дозволува земјоделците да бидат оставени на милост и немилост на прекупци, накупци…

И секако, власта треба да објасни каде претходниве години одлетаа силните пари дадени за субвенции за земјоделието. Ако се беше правено како што треба, зарем ќе увезувавме жито, кромид, патлиџани…? 

Претходна вестРаскази од Натали Спасова објавени во британска антологија
Следна вестМакедонската фудбалска репрезентација останува на 65. место на најновата ФИФА ранг-листа