Издавачката куќа „Дедалус букс“, посветена на литература во превод, ја збогати својата „Земи шест“ серија на женски прозни антологии со балканска антологија, по португалското и шпанското издание. Во неа се објавени и седум раскази од македонската писателка Натали Спасова кои на англиски јазик ги преведе Вил Фирт. Текстовите на Спасова всушност се поглавја од нејзиниот роман „Запалка“ (Македоника литера, 2014) кои може да се читаат одвоено.
Натали Спасова е творечко име на Наталија Славковска, писателка родена во Скопје во 1989 година. Објавила три романи: „Прва љубов во розовата улица“ (2008), „Запалка“ и „Двете принцези“ (2017). Авторка е и на поетски и драмски текстови и нејзини дела се преведени на бугарски, српски, украински и сега на англиски јазик. Спасова живее и твори во Прага, каде што е меѓу основачите на културната организација „D Theater“.
Покрај раскази од Спасова, во антологијата се застапени и текстови на Магдалена Блажевиќ од Босна и Херцеговина, Татјана Громача од Хрватска, Соња Живаљевиќ од Црна Гора, Весна Периќ од Србија (сите во превод на Вил Фирт) и Ана Светел од Словенија (во превод на Оливија Хелевел). Антологијата ќе биде промовирана на Лондонскиот саем на книгата на 19 април.
Составувачот Вил Фирт е книжевен преведувач, кој живее и работи во Берлин. Студирал германски, руски и српскохрватски јазик на Националниот универзитет на Австралија во Канбера и завршил постдипломски студии по јужнословенска филологија во Загреб и на Институтот „Пушкин“ во Москва. Превел дела од Мирослав Крлежа, Милош Црњански и од други хрватски, српски, црногорски и босански автори, како и дела од македонските писатели Петре М. Андреевски, Луан Старова, Румена Бужаровска, Иван Додовски..