Недела дена по почетокот на грејната сезона во градот се уште не се знае колку објекти не добиваат топлинска енергија. Ова дилема ја отвори препукувањето меѓу првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски и компанијата БЕГ. Прво Бислимовски во едено телевизиско интервју изјави дека во голем дел на Скопје има проблеми и нема испорачување на топлинска енергија од страна на БЕГ.
–БЕГ почетокот на оваа грејна сезона го направил катастрофално и од наредната година БЕГ ќе биде сериозно казнуван. Поради општиот хаос што го прави БЕГ на терен, 360 објекти немаат парно, потенцира Бислимовски.
Наспроти ова, од компанијата која е најголем снадбувач на скопјани со топлинска енергија одговорија дека ова не е вистина.
– Не е точна информацијата дека во 360 објекти не се врши испорака на топлинска енергија. Во моментов бројот на објекти во кои не се испорачува топлина изнесува 81. Односно во 12 објекти има прекин во испорака на електрична енергија до топлинската станица, во 16 објекти екипите на операторот немаат пристап до топлинската потстаница и во 53 објекти не се испорачува топлина поради дефект на внатрешната грејна инсталација, соопшти компанијата.
Ќе има ли и денеска нови соопштенија и бројки од двете страни ќе видиме. Најважо е од двете страни да има работа на терен, за да конечно во Скопје нема објекти без парно? Тоа е најважно, а не само да се докажуваат, објаснуваат кој е во право, а извесен дел од скопјани да мрзнат.