Од утрово новите автобуси на гас купени со кредит од десет милиони евра, се пуштени да сообраќаат на линиите на ЈСП „Скопје“.
– Возачите коишто ги возат новите автобуси на линии 2, 5, 15 и 57, имаа стручна обука од сертифициран возач од Хрватска. Во моментот на улиците возат 25 нови екоавтобуси на гас од кои 20 се единечни и 5 зглобни. Во текот на месецот ќе пристигнат и преостанатите 8 автобуси што се дел од договорот за набавка на 33 нови екоавтобуси – 21 нископоден автобус со капацитет од по 85 патници и 12 зглобни нископодни автобуси со капацитет од по 149 патници. Еден зглобен автобус чини 334.500 евра, а единечен 268.900 евра, соопшти денеска Градот Скопје.
До денеска, автобусите беа блокирани на паркинзите заради тоа што ЈСП „Скопје“ не можеше да плати ДДВ во висина од 1,8 милион евра на УЈП заради неповолната финансиска ситуација. Градскиот превозник, кој има загуба од 4,5 милиони ева, бараше од Министерството за финансии да биде ослободен од плаќањето на ДДВ и да се изврши „пребивање“ бидејќи ЈСП е голем даночен обврзник и пари од платениот данок на државата треба да му бидат вратени преку повраток на ДДВ. Но, ваквиот предлог бил одбиен од Министерството со образложение дека ако го ослободат ЈСП тогаш вакво нешто ќе бараат и другите претпријатија. На ЈСП му било понудено ДДВ да го плати на подолг рок.
Решението, очигледно, е најдено штом автобусите се најдоа на градските улици на неколку дена пред парламентарните избори. Но, јавноста сепак треба да дознае и како е платен ДДВ.