Во четврток со почеток во 20 часот во Филхармонија ќе се одржи концерт со наслов „Бетовен #3“, на кој како солисти ќе настапат тројца врвни музичари: Емир Имеров- виолина (Германија), Александар Кагановски- виолончело (Швајцарија) и Ваг Папијан-пијано (Израел).
Ќе биде изведен Концерт за виолина, пијано, виолончело и оркестар оп.56 од Бетовен. Диригент е Конрад ван Алфен од Холадија, а на програмата е и Серенада за дувачки оркестар од Антонин Дворжак.
Овој Концерт уште познат како „Троен концерт“ Бетовен го напишал во 1803 година и е единствениот што овој великан го напишал за повеќе од еден инструмент. Делото од Дворжак пак му е посветено на германскиот композитор и музички критичар Луи Елерт, кој ги промовирал неговите “Словенски танци“ во германскиот печат.