Корона алармот вришти, ама ушите не слушаат-полни се со изборни ветувања

Состојбите со ширењето на корона вирусот во Македонија стануваат се позагрижувачки. Само вчера имаше 205 новозаразени, шест починати пациенти, се отвори ново жариште во Свети Николе… Нема ниту навестувања дека т.н. „втор бран“ би можел да стивне. Во изминативе седум дена имавме најмногу новозаболени на 100.000 жители споредено со земјите во регионот. Значи, состојбата е алармантна.

Но, го слуша ли некој алармот како вришти? Колку сето ова предизвикува дополнителна загриженост на нашите здравствени и владини органи? Носење на заштитна маска, држење дистанца и миење раце, практично останаа единствени мерки со кои во овој период се делува против вирусот. Тоа, очигледно не е доволно и треба да се размислува за преземање на некои други. Ама тоа да не се снимање реклами.

Но, глуви за алармот се и голем дел од граѓаните. Никако да станат подисциплинирани барем за себе да се заштитат. 

А во меѓувреме, ушите ни ги полнат со изборни пораки и многу, многу ветувања. Впечатокот е дека целото внимание сега е свртено кон изборите, кон водењето на кампањата, денот на гласањето, комбинаториките по изборните резултати… 

Засега во светот не е познато дека некаде во некоја држава изборни ветувања помогнале во борба со пандемијата.  А има неколку земји кои поради запоставеноста на борбата со короната заради избори сега страдаат.

Претходна вестСтартува „Остен музејот на цртеж“
Следна вестСончево и топло, попладне е можен краткотраен дожд