Косово доби статус на придружна членка во Парламентарното собрание на НАТО на состанокот на Собранието во Софија, Бугарија. Мнозинството земји-членки ја поддржаа оваа одлука, 14 беа воздржани, а само Унгарија гласаше против, јавуваат медиумите во Приштина.
Одлуката денеска, 27 мај, ја донесе Парламентарното собрание на НАТО, соопшти претставникот на движењето Самоопределување, Дритон Хисени.
-Напредокот на статусот доаѓа по неколкугодишна одлична соработка меѓу Собранието на Република Косово и Парламентарното собрание на НАТО. Од јуни 2014 година сме претставени како набљудувачка делегација, напиша на Фејсбук Хисени, кој е и претседател на косовската делегација во Парламентарното собрание на НАТО.
Тој додаде дека бројните писма и континуираните напори на српската делегација, како и на другите политички актери во Белград, не успеале да го спречат Косово да го подобри својот статус.
Парламентарното собрание на НАТО е институционално одвоено од НАТО, но служи како важна врска помеѓу НАТО и парламентите на земјите-членки. Се состои од 281 делегат од сите 32 земји-членки на НАТО. Во активностите на Парламентарното собрание, покрај нив, учествуваат и делегати од девет придружни земји, четири придружни медитерански земји, како и осум парламентарни набљудувачки делегации.
Придружните членови можат да поднесуваат одлуки и измени на одлуките. Тие, исто така, можат да служат како специјални известувачи во комисиите за да ги претстават своите перспективи во извештаите на НАТО-Парламентарното собрание.
Но, тие немаат право да гласаат за извештаите, резолуциите или раководството на собранието, ниту пак придонесуваат за неговиот буџет.
Во моментов има девет придружни членки – меѓу нив Србија и Босна и Херцеговина.