Ковачевски: 26 јули 1963 година вечно ќе остане врежан во нашата колективна меморија, Скопје стана симбол на светската солидарност

Во нашата колективна меморија вечно ќе остане врежан 26 јули, кога точно во 5 часот и 17 минути, разорниот земјотрес го погоди Скопје, а трагата која ја остави беа бројни загинати, повредени и илјадници без покрив над главата, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски. Тој се обрати на свечена седница на македонското Собрание по повод шеесетгодишнината од катастрофалниот земјотрес.

-Катастрофалниот земјотрес градот го срамни со земја, оставајќи бројни жртви и последици. Шеесет години незаборав и длабока лузна во нашите срца за изгубените животи на кои денеска им оддаваме должна почит. Шеесет години тажни спомени на една слика и едно време, препознатливо по својата уникатност по која и денес се копнее. Денес се сеќаваме на загинатите, сочувствуваме со нивните семејства кои сѐ уште ја чувствуваат болката, но исто така се сеќаваме и на храброста на сите оние кои од хаосот и руините на 26 јули, помогнаа да се роди едно ново Скопје, рече Ковачевски.

Тој додаде дека од една од најголемите трагедии кои ги доживува, градот со помош на скопјани, но и со помош од целиот свет успева да се издигне повторно.

-Градот убав повторно никна. Скопје се издигна врз темелите на урнатините и уништеното, се роди едно ново, модерно Скопје кое внесе нов, космополитски дух и енергија во која се сплотуваат старото и новото, современото и традиционалното. Скопје стана симбол на светската солидарност, сплотеност и огромната пожртвуваност на сите оние кои помогнаа да се изгради градот кој доби нов архитектонски изглед. Скопје денес е познат како град на солидарноста, и тоа дефинитивно не е само фраза. Град на солидарноста е кодот на Скопје, потенцира Ковачевски.

Премиерот нагласи дека речиси секој дел, зграда, улица во Скопје е споменик на солидарноста на повеќе од 80 земји од светот и дека Македонија никогаш не ја заборава ова помош и помага кога се случуваат несреќите во другите земји.

-Солидарноста живее во нас и со нас. И затоа, вечно ќе бидеме благодарни за несебичната помош од над 80 нации низ светот, помош која се втисна во душата на Скопје, пренесувајќи порака дека само здружени и заедно можеме да ги надминеме сите предизвици и да ја оствариме секоја цел и секоја визија. Катастрофалниот скопски земјотрес кој е длабоко врежан во нашето минато, за нас е поука и порака да продолжиме сплотени да го чуваме и градиме нашето општество врз темелите на солидарноста, пожртвуваноста и заедништвото. Скопје е нашиот главен град. Да го негуваме и чуваме и да се грижиме за него и за нашата држава како што тоа го правеле и предците пред нас, а ќе продолжат генерациите по нас, потенцира Ковачевски.

Инаку, по повод 60 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје, во кој животот го загубија 1.070 лица, а 3.000 беа повредени, претседателот на државата Стево Пендаровски, делегации од Собрание, Влада, Град Скопје, како и амбасадори и делегации од дипломатско-конзуларните претставништва во земјава положија цвеќе пред Споменикот на жртвите од земјотресот, на Градските гробишта Бутел во Скопје.

Претходна вестТетовчанец следел и снимал девојки
Следна вестНе е проблемот во распустот, образованието од друго си пати