Очекуваме ист пристап и реципроцитет за бугарските граѓани со македонско самосознание, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски во изјава за МИА на прашањето да го искоментира отворањето на клубот при културниот центар „Ванчо Михајлов” во Битола.
Тој потенцира дека Владата стои зад слободните убедувања на сите граѓани.
– Се работи за контроверзна историска личност, која во Република Северна Македонија е доживувана на различен начин од различни групи на граѓани. Сепак, бидејќи се работи за граѓанска иницијатива, согласно Европската конвенција за човекови права, со која ние сме целосно усогласени, ваквите проекти не се предмет на државен надзор. Во Република Северна Македонија е овозможено сите граѓани слободно да ги практикуваат своите етнички, религиски и идеолошки убедувања, вели Ковачевски.
Тој пристап, додава премиерот, е нешто зад кое ние како Влада стоиме и ќе продолжиме да го практикуваме и понатаму, бидејќи, вели, тоа е нашиот белег и како држава и како општество.
– Воедно и Владата на Република Северна Македонија како и јавноста со нетрпение го очекува денот кога и кај нашите соседи ќе созрее времето кога и таму оние граѓани кои имаат, на пример, македонско самосознание, ќе можат на ист таков слободен начин да ги практикуваат своите уверувања, изјави премиерот Ковачевски за МИА.