Телевизиите со национална концесија не ја исполнуваат својата програмска обврска

За избегнување се и таканаречените „експерти“ за се и сешто, потоа глупави тирадоидни преноси од Собрание, смета Иван Андреевски

 За Иван Андреевски, сега пензионер и поранешен уредник на „Скопска програма“ на МTВ, граѓаните мора да внимаваат на што му го посветуваат своето слободно време.

Што им препорачувате на скопјани да гледаат на телевизиските програми?

репорачувам да се гледаат добро изработени и позитивни телевизиски програмски жанрови! Информативни содржини, култура, филм, историја… За жал, такви содржини на нашите телевизии многу малку ги има. Се работи за пазарна цена. Добрите серии, добри филмови, добра сопствена продукција се скапи. Поради тоа се оди на нискобуџетирани и евтини серии и програми. А нам толку многу ни треба нешто позитивно, нешто добро и содржајно, што ќе го созададе позитивен дух кај граѓаните кои секојдневно живеат опкружени со проблемите.  Препорака ми е да не се седи цел ден пред екранот ако не се мора. Нашите национални телевизии одамна немаат добри и креативни уредници и сопственици. Телевизиите со национална концесија не си ја исполнуваат својата програмска обврска во најразлични аспекти. Видете, на пример, само колку малку дописници имаат од внатрешноста на земјава. Македонската телевизија во поранешна Југославија беше трета по квалитетот на програмата, а втора по обемот на продукцијата на различни јазици.

Што сметате дека граѓаните би требало да го избегнуваат и да го сменат каналот?

-Да се одбегнуваат невистинити информации, полувистини. Тоа и кај нас и на целиот Балкан го има се повеќе. Тука се и контактните емисии со телефонски јавувања на граѓаните. Треба да се одбегнуваат и евтини серијали од типот на „Задруга“ кој, ако воопшто и се дава, треба да се емитува по 01 часот и да се одданочува повисоко. За избегнување се и таканаречените „експерти“ за се и сешто, потоа глупави “тирадоидни“  преноси од Собрание, со политички памфлети! Колку земји во светов на телевизии има собраниски канал?! Каде се дозволуваат преноси на сите собраниски тела, комисии и слично… Преноси од парламентот треба да се врзуваат само за најважните настани. Вака, со пренесување на се и сешто се одзема драгоцено време кое може да се пополнат со нешто содржајно.

Што би направиле како емисија за да биде задоволителна и вредна за гледачите?

– Тоа е првенствено една квалитетна информативна емисија за главнот град. Тоа сега, со технички достигнувања, е полесно изводливо отколку што беше можно порано. Со прилозите од најразлични сфери би биле покриени сите десет градски општини и би се емитувала секој ден. Целта на една таква емисија би била да се врши и притисок што побрзо да се завршуваат градските проекти. Да не се случува како кај мене во општина Аеродром еден плоштад зад ТЦ „Бисер“ да не може да се реконструира за пет месеци!?

Би правел и емисии од областа на културата… Поразително е тоа што веќе како да немаме театарска или филмска критика, тоа каков ни е македонскиот јазик во нашите медиуми…

Дали Скопје е доволно застапено како тема на македонските телевизии?

– Градот не е доволно застапен,односно, застапен е само парцијално. Нека не звучи нескромно од моја страна но на градот му недостасува “Скопската програма” која јасво осумдесетите години од минатиот век ја уредував со волонтерихонорарци, кои тогаш учеа и занает. Таа беше и расадник на сега врвни новинари. Ваква емисија треба да се врати на Јавниот сервис и на останатите комерцијални телевизии… Ако сакаат. Скопје и скопјани се уште имаат што да кажатСкопје е мегалополис за Македонија, речиси половина од населението или живее или поминува тука. И од таа причина на градот му треба секојдневен третман.

Претходна вестВМРО-ДПМНЕ: Ковачевски наместо да молчи да побара од Петков отворање на македонски клубови во Благоевград и Сандански   
Следна вестКовачевски очекува реципроцитет за бугарските граѓани со македонско самосознание