Константин Димитров: Ако не платиме – нема гас, ТЕ-ТО нема да произведува струја со поевтина цена

Денешната состојба во сферата на енергетиката е таква да многу се зборува, а малку се дејствува, оценува Константин Димитров, енергетски експерт. Во краткиот разговор за „Скопско Ехо“ тој потенцира дека со инвестициите во енергетскиот сектор треба да се почне уште денес за да по 5-6 години се добијат ефекти.

 Русија ги прекина испораките на гас за Полска и за Бугарија. Треба ли Македонија да биде загрижена бидејќи нашата земја рускиот гас го добива преку Бугарија? Какви се опасности има по нас во ваква ситуација? Како да се надмине зависноста од рускиот гас?

 Не е јасно дали Русија применува “казнена мерка“, или тоа е стандардна постапка, затоа што Полска и Бугарија не сакаат да платат во рубљи за да добијат гас.

Македонија треба да биде загрижена ако тера инат и не сака да плати со рубљи, како што бара испорачателот на гасот. Два големи увозника на природен гас има во Македонија: Макпетрол и ТЕ-ТО Скопје т.е. БЕГ. За овој енергент Регулаторната комисија за енергетика на Македонија не е надлежна, купувањето е обврска/право на потрошувачите.

Макпетрол е приватна компанија, но ТЕ-ТО иако е приватна, со кризните мерки е управувано од Владата/државата, значи тие треба да го купат гасот. Тие имаат можност да постапат како сакаат, освен ако Владата не забрани да купуваат со рубљи – да тераме инат.

Ако не платиме, нема да имаме гас. Тоа значи ТЕ-ТО нема да произведува електрична енергија со поевтина цена споредена со цената на берзата, производните капацитети ќе запрат или ќе МОРА да се вратат на старите енергенти (мазут), со енормно локално загадување на воздухот.

Со месеци сме во енергетска криза и надлежните се снаоѓаат на секакви начини и за што се трошат милиони евра. Дали сметате дека во овој период е направено доволно за да на најдобар и на најефтин начин се премости енергетската криза?

 Со изградба на врската со гасоводниот систем ТАП, ќе се овозможи снабдување од две насоки. Денешната состојба е таква да многу се зборува, а малку се дејствува. Одамна се зборува за таа врска, но до денес, веројатно се е на ниво на проектна документација. Ќе причекаме уште некоја година, а и така немаме пари за капитални инвестиции.

Што е тоа што во иднина ургентно треба да се прави во енергетскиот сектор за да имаме помирна иднина и граѓаните да не плаќаат скапа цена?

 За да се надмине проблемот во секторот енергетика треба да се почне денес, за да бидеме обезбедни после 5-6 години. Јасно треба и многу финансиски вложувања. Но тие вложувања се продуктивни – наши македонски фирми ќе градат и ќе експлоатираат, ќе се подигне стандардот, ќе се отворат нови работни места. Треба намера, знаење и чесна работа!

Претходна вестПонеделник е неработен ден за сите граѓани
Следна вестШто за еврокомесарот е „немаме време за губење“?