Ковачевски: Сите во ОБСЕ имаме потреба од мир, стабилност и соработка, историјата ќе не суди по нашите дела

Премиерот на Македонија во својот воведен збор на годишната голема конференција на ОБСЕ во Скопје истакна „овој настан е кулминација на нашето претседавање со ОБСЕ, кое и во редовни околности не е лесен ангажман“. Тој се осврна на сеопфатната безбедност.

-Визијата на ОБСЕ како платформа за кооперативна и сеопфатна безбедност, беше сериозно тестирана во реалноста, а најмногу директно почувствувана од украинските граѓани. Воената агресија на Руската Федерација против Украина продолжи со несмален интензитет и разорувачки последици, потврдувајќи ја својата неоправданост и неправедност, рече Ковачевски.

Секој изминат ден и изгубени животи, додаде премиерот, се сурова потврда на оцената дека воената агресија претставува акт на флагрантно кршење на Повелбата на Обединетите нации, принципите и заложбите на ОБСЕ, како и основните премиси на меѓународното право, но пред сè на вредностите на хуманоста.

Ковачевски истакна дека народот на Украина заслужува мир, и оти постигнувањето праведен и одржлив мир останува императив.

-Оваа војна продолжува да ги поткопува и темелите на ОБСЕ, нагласи Ковачевски.

Премиерот истакна дека во рамки на нашето претседавање должно внимание се даваше и на сите замрзнати конфликти и регионални нестабилности низ ОБСЕ регионот, како процесот за решавање на Транснистрија, ситуацијата во Јужен Кавказ и кризата во Нагорно Карабах, тензиите на северот на Косово.

-За момент да ги ставиме настрана националните агенди, за кои, меѓу другото, верувам дека најдобро можат да се реализираат преку мирољубива соработка во еден мултилатерален систем базиран на правила и почит на основните вредности и принципи. Ниту една земја, без разлика на големината и силата, во денешно време, на долг рок, не може да просперира во изолација, ниту пак сама да се справува со комплексните предизвици на 21-от век, истакна премиерот.

Македонија, посочи тој, како силен поддржувач на мултилатерализмот и директен корисник на улогата на ОБСЕ при спроведувањето на демократски реформи и унапредување на состојбите во разни области, е цврсто уверена дека оваа Организација е способна да направи разлика на терен.

Тој ја пофали и меѓународната позиција на Македонија.

Од корисник на безбедносни и превентивни мировни мисии, денес Северна Македонија е препознаена како фактор на стабилност и активно придонесува за безбедноста во регионот и пошироко, кажа премиерот.

Ковачевски во своето обраќање заклучи дека „сите ние во ОБСЕ имаме потреба од мир, стабилност, обновена доверба и соработка, историјата ќе не суди по нашите дела“.

 

Претходна вестПутин: Нашите баби имале по седум-осум деца, ајде да ги оживееме тие традиции
Следна вестПелистер ослабен против Кјелце