Ковачевски: Со Таравари ќе зборувам за одлуките околу европската иднина, се друго е шпекулација

Денешната средба со Арбен Таравари е продолжение на лидерската средба со претседателите на парламентарните партии. Ова го кажа премиерот Димитар Ковачевски и објасни дека „се што се зборува за денешната средба со в.д. претседателот на Алијанса Албанците, Арбен Таравари и за влегување на партијата во Владата, е во делот на шпекулациите“.

– Денешната средба со господинот Таравари е продолжување на лидерската средба, која ја имавме во текот на изминатиот период со претседателите на сите парламентарни политички партии. Планирам во наредниот период да одржам поединечни средби со сите политички партии застапени во Парламентот, со цел да продолжиме да разговараме околу одлуките кои треба да се носат за европската иднина на државата, а за кои е потребен широк политички и општествен консензус, изјави Ковачевски во одговор на прашање по потпишувањето договор со турската компанија „Текнопанел“ за инвестиција во ТИРЗ Скопје.

На средбите, додаде премиерот, ќе се разговара и за законските решенија кои треба да се носат во Собранието кои се од економски карактер, во делот на владеењето на правото, борбата против корупцијата и справувањето со економската криза во државата.

– Особено ќе стане збор за делот од законите кои се блокирани во Собранието, што најмногу се однесуваат во делот на владеењето на правото, борбата против корупцијата и справувањето со економската криза. Се друго што се разговара е во делот на шпекулации. Темите за кои денес ќе се разговара се токму овие, рече Ковачевски.

Инаку, во медиумите се појавија информации дека цел на денешната средба на Ковачевски и Таравари е за влегување на Алијанса за Албанците во Владата. Наводно на партијата и се нудат три министерски места само за да го напушти опозиционерството и да стане владеачка партија.

Претходна вестМартин Скорсезе ги терал глумците на долги проби пред снимање
Следна вестШто ќе видат студентите од понеделник?