Што ќе видат студентите од понеделник?

Со протест, студентите повторно потсетија во какви тешки услови стануваат идни академски граѓани на Македонија. Запуштени згради и соби во студентските домови, гнасни и искршени тоалети, слаба храна, исклучени лифтови, нема доволно топла вода, кратење на студентскиот оброк… сето тоа студентите пак го изнесоа на виделина како проблем и причина за револт.

Вака е со години, лоши услови, па малку студентски револт, па малку функционерски ветувања… Властите се менуваа, а лошата состојба во студентските домови, но и општо за студенстскиот стандард остануваше. Единствено нешто што се праваше беа одредени реконструкции со кои само се ублажуваше неподносливата состојба. И секако, се даваа ветувања дека набргу и другото ќе се поправи.

За жал, такви ветувања, за одредени реконструкции, се даваат и сега.

-Ќе интервенираме во студентските домови почнувајќи од онаму каде што е најитно. Веќе се добиени проекти од Германската банка за развојни политики во вредност од 24 милиони евра и дека дел од студентските домови се во фази на подобрување на состојбата, соопшти деновиве Министерството за образование.

Тоа значи дека реконструкциите пак ќе се изведуваат делумно, само кај одредени студентски домови. Другите ќе останат да чекаат. До кога? Ќе се чека некое ново студентско незадоволство?

Ветувањата дека „ЌЕ“ се подобрат состојбите мора да престанат. Такви најави кои започнуваа со „ЌЕ направиме ова, ЌЕ направиме она“ имаше премногу во изминативе години. Пред шест години актуелната власт ветуваше дури и „брда и долини“.

-Кај студентските домови „Гоце Делчев“ и „Стив Наумов“ ќе изградиме студентски град. Со комплетно нови модерни архитектонски решенија, како и функционални содржини: спортски сали, читални, библиотеки, ресторани, кино-сали и фитнес-центри, пишуваше во изборната програма на СДСМ во 2016 година.

Но, од тоа не е направено ништо.

Затоа, доста е со ветувања – веќе од понеделник власта мора да тргне засилено и посветено во подобрување на студентскиот стандард. Ќе видат ли таква активност студентите наредната недела?

Претходна вестКовачевски: Со Таравари ќе зборувам за одлуките околу европската иднина, се друго е шпекулација
Следна вестВо Катар топката ќе се тркала, ама пиво нема да тече…