Ковачки: Еве го документот кога Ковачевски избегнал отслужување на воениот рок како трајно неспособен

Димитар Ковачевски, премиер на Македонија, го избегнал отслужувањето на воениот рок правдајќи се со лекарско мислење дека е трајно неспособен за служење војска, соопшти денеска Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ. На партиската прес-конференција Ковачки го покажа документот, извадок од евиденциона книга на АРМ, од кој се гледа дека актуелниот премиер од страна на лекарите е прогласен за трајно неспособен.

-Ова води до два заклучока. Или Ковачевски го злоупотребил влијанието на татко му кој тогаш бил градоначалник на Куманово и партиски функционер на СДС и добил лажно лекарско мислење, или тој навистина е трајно неспособен. Доколку Ковачевски не лажел и не се служел со измама, тогаш ние за премиер на државата имаме трајно неспособен човек, а самата дијагноза кажува дека неговата неспособност не може да се отстрани, т.е. дека таквата состојба кај него е трајна, што значи дека истата може само да се влошува. Доколку Ковачевски лажел за својата здравствена ситуација, тогаш ние на чело на државата имаме патолошки лажго. Ако лажел да избегне служење војска правејќи се трајно неспособен, тогаш не можеме ниту да претпоставиме за што се’ друго би лажел, рече Ковачки.

Според него, доколку пак Ковачевски навистина е трајно неспособен, тогаш не се знае дали таа состојба кај него прогресирала и дали тој е целосно функционален да ги извршува државничките задачи.

-И во двата случаи, односно и доколку лажел, и доколку е трајно неспособен, Ковачевски како премиер е опасност за државата. Ковачевски мора да си даде оставка. Македонија не смее да биде водена од премиер кој е или патолошки лажго или е трајно неспособен, потенцира Ковачки.

Претходна вестКовачевски летна за Њујорк: Ќе каже во ОН како се унапредува образованието
Следна вестКовачевски: Само нечесни и уплашени луѓе злоупотребуваат нечиј здравствен предизвик за да го прикријат својот криминал