Културата на облекување на етничките заедници во Македонија на изложба во „Мала станица“

Здружението за истражување, заштита и промоција на културното наследство „Вулгус“ од Скопје вечерва во 20 часот во „Мала станица“ во Скопје ја организира изложбата Аетерна Нова (кованица од латинските термини „вечна“ и „нова“). Станува збор за мултимедијална изложба посветена на облековната култура на сите етнички заедници кои живеат во Македонија. Оваа изложба презентира нов начин на промовирање и претставување на начинот на облекување од крајот на 19 и почетокот на 20 век, конципирајќи ја како мода, наместо како традиција.

Куратор и режисер е Филип Петковски, фотографи се  Марко Марјановиќ и Жарко Чулиќ, а за постпродукцијата на фотографиите се погрижи Ивана Мојсовска-Головска. Во изложбата се користени народни носии од колекциите на Костадин Балкански, Дамјан Ристовски, Ансамбл „Студио фолклор“ и Фолклорното студио „Етнос“.

Модели на фотографиите се: Еџе Али и Марко Марјановиќ, фотографи, танчерката Билјана Балканска, режисерката Дина Дума, музичарите Лука Ѓоргиевски (Фанк Шуи), Дина Јашари и Зарина Првасевда, актерките Емра Куртишова, Симона Спировска, Наталија Теодосиева и Камка Тоциновски, моделот Катарина Ивановска, Венера Крлиу, професорка и проректор за настава при Универзитет „Американ колеџ“ од Скопје, примабалерината Мими Поп Алексова и рекометарот Мартин Томовски.

– Црпејќи инспирација од Camera Lucida на Роланд Бартс, оваа изложба се служи со неговите концепти наречени studium и punctum за да ја артикулира дуалната природа на фотографската интерпретација. Конкретно, во ова видување, studium-от реферира на историското и културното значење на народните носии, односно модни избори направени од локалното население кои евоцираат културни и општествени норми. Меѓутоа, со претставување на овие костими како насловни страници на модни списанија, изложбата воведува punctum, односно современа реинтерпретација која ги повикува гледачите да ги согледаат овие артефакти надвор од нивниот конвенционален контекст. Овој пристап не само што ја демистифицира поврзаноста на народните носии со патриотизмот, национализмот и патријархалното угнетување, туку ги претставува како симболи на индивидуална и заедничка креативност наместо артефакти од минатото, велат организаторите.

Претходна вестКумановец фатен како превезува мигранти од Турција
Следна вестИталијански остров нуди бесплатно сместување за гостите до 35-годишна возраст