Куновски: Доста стигматизирана е темата на ментално здравје, тоа влијае на тоа дали младите би побарале помош ако се соочуваат со проблем

Треба да работиме на менување на одредени општествени ставови и верувања кои може да поттикнуваат насилно однесување, вели Куновски

Со Иво Куновски, специјалист за клиничка психологија при Универзитетската клиника за психијатрија, зборуваме причините и последиците од неодамнешното масовно убиство во училиштето во Белград и дилемите што тоа ги отвора

о Масакрот во Белград отвори многу прашања: од тоа каква личност било детето, дали било „исфрлено од друштвото“, па до тоа како било воспитувано од родителите. Како гледате на овој случај врз основа на достапните информации?

-За овој трагичен настан сметам дека е важно да се земе во предвид комплексноста на факторите на влијание, кои може да придонесат кон ваква екстремна форма на агресивно однесување. Бурната развојна фаза во која ова момче се наоѓа и претпоставената социјална изолираност (или изложеност на врсничко насилство) се може да се значајни елементи во неговото животно искуство, но тука е и влијанието на дополнителни социјални, биолошки и психолошки фактори, како што е родителскиот пристап, нормализацијата на насилно однесување како прифатлив одговор на неправда, достапноста на огнено оружје и присуството на ментално нарушување кај лицето.

о Колкава е опасност ваквите случаеви да се повторат во некоја друга средина? Загрижувачки ли се резултатите од вчера објавеното истражување од кое се гледа дека секој трети адолесцент е депресивен, а дека повеќе од половина имаат потреба од услуги за ментално здравје?

– Адолесценцијата е развоен период во кој проблемите со менталното здравје се истакнуваат, но ваквите податоци се секогаш загрижувачки и отвораат многу теми за дискусија. Конкретниот случај е сепак исклучок на екстремно однесување и сметам дека може да е попродуктивно насоката на дискусијата во јавноста на оваа тема да се насочува не на ова момче специфично, туку на овозможување на достапна поддршка и програмите за млади во ризик, промоција на позитивни стилови на справување и зајакнување на поддршката за родителите и старателите. Во овој случај, приоритетот за поддршка и грижа го имаат семејствата и блиските на сите засегнати.

о Како и кој се треба да се грижи за менталното здравје на младите? Постои ли стигма во нашето општество околу тоа и која попречува младите да бараат помош од психијатри, психолози?

– Доста стигматизирана е темата на ментално здравје, што секако влијае на тоа дали младите би побарале помош ако се соочуваат со проблем. Некои може да се засрамени од тоа што го доживуваат, се грижат да не бидат осудени или пак се учени да одбегнуваат да зборуваат на темата, да не прикажуваат ранливост или пак самото пристапување кон помош може да значи некаков неуспех или разочарување. Но, последниот период гледам дека почесто се зборува за тоа во јавноста. Сметам дека тоа е добар знак, бидејќи на тој начин се подига свесноста за темите, се промовираат позитивни ставови, се подобруваат програмите и се олеснува пристапот кон поддршка.

о Се вели и тоа дека живееме во агресивни опшества во кои агресивното однесување и такви медиумски содржини се широко распространети и присутни, и во Македонија. Како да се спротивставиме на тоа?

– Агресивните содржини се присутни и забележливо е дека им се придава зголемено влијание. Во адресирање на овој тренд и промовирањето на здрави и безбедни средини, би рекол дека е важно општеството да земе сеопфатен пристап. Ова може да вклучува застапување на политики и иницијативи за ненасилно однесување и позитивни родителски пристапи, поддршка на организации и програми за превенција на насилство и ментално здравствени проблеми и да работиме на менување на одредени општествени ставови и верувања кои може да поттикнуваат насилно однесување.

Претходна вестВоз прегази човек, железничкиот собраќај е во прекин
Следна вестИвановска: Груби ги користел службените простории за партиски цели