Лавров долго зборуваше, па ја напушти салата: ОБСЕ е претворено во организација која им служи на НАТО и ЕУ и има нејасни перспективи

Ова што моментално се случува во ОБСЕ не е вистинскиот начин на кој треба да се третираат европските безбедносни прашања, а западните престолнини постапуваат така што го поткопуваат работењето на Организацијата, рече рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во денешното обраќање на Министерскиот совет што се одржува во Скопје. Тој имаше подолго обраќање во кое ги изнесе бројните забелешки за досегашното работење на ОБСЕ поради што смета дека перспективите му станале нејзасни.

-ОБСЕ е претворен во Огранизација, која им служи на интересите на НАТО и ЕУ и се поставува прашањето дали е мудро истата да биде витализирана. Поделбите на континентот ја поткопуваат безбедноста што ја креира ОБСЕ и доблесната идеја на која почива процесот од Хелсинки. Традиционално овие состаноци завршуваат со позитивни и охрабрувачки пораки, но во моментов нема простор за оптимизам, потенцира рускиот министер.

Тој притоа ја обвини ОБСЕ дека молчи кога се загрозува слободата на медиумите во западните земји и се врши врз нив репресија, а ја напаѓа за тоа Русија и дека во Организацијата константно се одбиваат барањата на Москва да се разговара за неонацистичките движења низ Европа и во Украина. 

– Земјите од НАТО и ЕУ ја уништија воено-политичката димензија на ОБСЕ. Во 1999 година, НАТО изврши нескриена, брутална агресија врз Југославија, членка на ОБСЕ и ОН. И во 2008 година, кршејќи ја резолуцијата 12 44 на Советот за безбедност на ОН и принципот на неповредливост на границите во Европа од завршниот акт на Хелсинки, на Србија ѝ беше одземено Косово без никаков референдум, посочи Лавров.

Лавров говореше и за останатите прашања кои ја засегаат Русија, а за кои кажа дека се поттикнати од западната политика, Грузија, Јужна Осетија, Приднесторовие, Молдавија, Донбас, Украина, а ги спомена и санкциите на кои Западот ги воведе кон Русија, кои ги означи како обид да ја урнат руската економија. Според Лавров, Молдавија е следната жртва во хибридната војна на Западот против Русија.

-Во тој поглед, со жалење можеме да кажеме дека ОБСЕ ја дочекува оваа годишнина во жална состојба, а нејзините перспективи се нејасни, рече рускиот министер, осврнувајќи се на 50 годишнината од Организација.

 Рускиот министер за надворешни работи веднаш по завршувањето на говорот ја напушти салата, во која се одржува состанокот. Неговото обраќање беше бојкотиран од дел од делегациите, кои станаа и ја напуштија конференциската сала веднаш откако претседавачот со ОБСЕ, Бујар Османи, го најави обраќањето на шефот на руската дипломатија.

Првиот говорник по Лавров, данскиот шеф на дипломатијата Ларс Расмусен оцени дека неговите пораки биле манипулативни, со саркастична оценка „толку од дијалогот“ – бидејќи рускиот министер според него веднаш по говорот што го одржа излегол од состанокот.

Претходна вестПоради мигрантите Србија дополнително ја ангажира полицијата на границата кон Македонија
Следна вест„Музика и поезија – вечер со музиката на Шопен“ со Дино и Дијана Имери