Ракометарите на Алкалоид вчера направија големо изненадување освојувајќи го пехарот во Купот на Македонија. Младиот македонски тим предводен од селекторот Кире Лазаров по подоброто изведување пенали успеа да го совлада супер-фаворитот Еурофарм Пелистер и да се закити со вредното признание. На крајот на натпреварот резултатот беше 22-22, а по изведувањето на пеналите 25-23 и со што Алкалоид го освои првиот трофеј во натпреварувањето.
– Им честитам на Еурофарм Пелистер за фер и коректниот меч. Победивме екстра квалитетна екипа со екстра добри поединци. Посебно сум горд на моите играчи, и за денес, како и против Вардар. Пред мечот реков дека сме аутсајдери, но ја чувствував екипата дека оди во нагорна линија, имавме самодоверба, ние сме екипа која во секој момент знае што треба да прави и како да се однесува. Имаше моменти во кои затаивме, но сепак ова се многу млади македонски играчи. Горд сум на цела екипа на залагањето, пожртвуваноста, за начинот на верба и самодоверба. Да се победи Вардар, а потоа и Е. Пелистер навистина е тешко, но во куповите, секаде во светот во било кој спорт, имало изненадување. Да, ние го изненадивме Е. Пелистер, но заслуживме да победиме, одигравме навистина добро, истакна Лазаров.
Фото:ФФМ