Лек за запуштените приватни објекти во Скопје

Колумна на Невена Георгиевска:

Несомнено дека секој сопственик на имот треба да се грижи за сопствениот имот. Или можеби не? Пример се многу напуштени, запуштени објекти низ градот, а особено внимание привлекуваат оние низ центарот Скопје. Во Законот за градење, во членот 98 за Одржување на градежен објект се вели: (1) – Сопственикот на објектот е должен преку тековно и инвестиционо одржување да ги сочува основните барања за градбата, во согласност со проектот за употреба и одржување. Значи сопственикот или не е заинтересиран за состојбата на неговиот имот или не е во состојба, финансиска или друга, да се грижи за својот имот. Но дали еднаш ќе сфатиме дека индивидуалниот интерес не може да е над колективниот? Не може незаинтересираноста или неможноста на сопственикот за грижа над сопствениот имот да претставува причина за егзистирање на локации обраснати со неуредно зеленило, пропаднати објекти со искршени врати, прозорци, од кои се шири смрдеа, истите често и диво вселени.

Во верзијата на Законот за градење од 05.2019 се вели: Одржување на градба е изведување на работи заради зачувување на основните барања на објектот во текот на неговото употребување. Но што е со објектите што не се употребуваат? Што е со на пр. индивидуалните станбени или угостителски објекти? И пак се разбира за нови градби. Дали истите доколку не се употребуваат треба и да не се одржуваат? Или можеби не?

Во законот нема податоци што треба да се случува со објекти кои не се опасни, едноставно се запуштени и неугледни? И што со објектите кои припаѓаат на сопственици кои едноставно не се во состојба да го одржуваат објектот? Не е ли време да се размисли зошто овие објекти толку време опстојуваат и го нагрдуваат градот и да се најде решение? Лично сметам дека секој објект, без исклучок секој, треба да поседува Проект за употреба и одржување на градбата и тој треба да се проверува на годишно ниво. Независно дали е стар или нов објект и дали е во или вон употреба. Доколку постојат реални причини поради кои сопствениците не ги одржуваат, тогаш законот треба да им даде овластувања на градот/општината да го прават тоа во нивно име. За наше добро! За да биде градот барем уреден и чист.

Претходна вестПајакот во Центар однел 75 возила, 68 ги врзал блокаторот
Следна вестКомисијата за заразни болести на средба со скопските градоначалници