Лесно е да се потпише меморандум, ај да ве видиме да ja изградите пругата

Во моменти кога македонските возови или стојат на слеп колосек или се движат со безмалку 40 километри на час, вистинско освежување е најавата од страна на Владата дека ќе гради пруга по која возовите ќе се движат со 160 километри на час. Имено, денеска е потпишан меморандум за градење на супер модерна железничка пруга од Ниш до Скопје чиј дел од 50 километри ќе биде на македонска територија. Документот за изградба на железничка мрежа со високи перформанси ги потпишаа македонскиот министер Благој Бочварск и српскиот министер Горан Весиќ.

-Земаме обврска за овие проекти да обезбедиме средства од меѓународните финансиски институции да час поскоро започнеме со реализација на оваа регионална иницијатива. Во рок од две недели ќе формираме работна група и таа работна група ќе почне да работи на акционен план, изјави министерот Бочварски.

Многу силна најава. Ќе се реализира ли?

Како ќе оди обезбедувањето на големите парични средства за овој голем проект останува да се види. Исто, како што ќе се види со која динамика би одела неговата реализација. Потпишувањето на Меморандумот се случува кога железничкиот сообраќај во Македонија практично е доведен на слепиот колосек. Државното претпријатие Железници – Транспорт има огромен долг од околу 64,9 милиони евра кој никако да се реши. Владата деновиве преку издавање на четврта емисија на акции по пат на приватна понуда одвои дополнителни 15,7 милиони евра за ова претпријатие ште сега е јасно дека со тоа проблемите нема да се решат туку само се обезбедува какво-такво продолжување на работата. Проблемите се многу поголеми отколку што можат да се решат со ваква интервенција, а тие се врзуваат со поставеноста и организацијата на Железницата, со нејзиното скапо менаџирање, големиот број на вработени, лошата состојба на инфраструктура, на возовите…

Излез од ова менаџерскиот тим бара во постојано намалување на бројот на возовите и на линиите. Неодамна се донесе одлука меѓу Скопје и Битола да функционира само еден воз, но и тој е со постојани проблеми – се запалуваат праговите на пругата, се случуваат дефекти на дотраените локомотиви, па возот почесто не оди отколку што ги превезува граѓаните. На ова сега се надоврза и прекинот на пругата од Скопје кон Гевгелија поради проблемот на столбот на мостот кај Црна Река. Експертите денеска излегоа со проценка дека за поправката на напукнувањето ќе бидат потребни најмалку два месеца. А тоа значи дека патниците уште подолго време ќе бидат принудени да се симнуваат на станиците во Градско и Кукуричани, па оштетеното место да го премостуваат со автобус, за повторно да продолжат со воз…

Инаку, силна најава за градба поодамна имаше и за пругата кон Бугарија. Ама…

Да, лесно е да се потпише меморандум, ај да ве видиме да изградите пруга. Тоа е она што Македонија го чека.

Претходна вестЖена платила 300 евра за работа во странство, лажниот посредник го снемало, документи никогаш не добила
Следна вестПунктот за промена на лични документи во ПС Пролет ќе работи и во сабота и во недела