Левица бара итна забрана на извозот на огревно дрво

Да се воведе времена забрана за извоз на огревно дрво, побара денеска опозициската партија Левица. Во партиското соопштение се наведува дека ова мерка е потребна со оглед на големата побарувачка на овој енергенс.

-Огревното дрво пред почетокот на следната грејна сезона ќе поскапе за 20 отсто, а пелетите веќе се продаваат по речиси 50 отсто повисока цена. Цената на еден кубен метар дабово дрво во приватните складови достигнува и до 5000 денари. Најупотребуваниот енергенс во Македонија, што го ползуваат околу 71% од граѓаните станува се потешко достапен, особено за најсиромашните слоеви . Големата побарувачка за овој вид енергенс на светскиот пазар, како и зголемениот постојан и неплански извоз придонесе цената на огревното дрво и пелетите континуирано да расте, а голем дел од складовите за огревни дрва во Македонија да зјаат празни, се наведува во соопштението.

Левица укажува дека Министерството за земјоделие како директно надлежна установа за стопанисување со дрвната маса се уште е без стратегија, и покрај тешките околности. Во надлежност на Министерството е и издавањето Одобренија за извоз на трупци, огревно дрво и други производи од дрво, но на нивната веб страница нема официјални податоци за вкупниот број извезени трупци од Македонија.

-Во услови кога балканските држави со конкретни мерки се подговуваат за претстојната грејна сезона, министерот Љупчо Николовски нема никаков план у стратегија. Додека Србија и Босна и Херцеговина во мај и јуни воведоа забрана за извоз на пелети и огревно дрво за наредните шест месеци, македонските шуми се пустошат со легални сечи, а еден дел од оваа дрвна маса се извезува во соседните земји. Фирмите извозници и државата тријат раце од профитот, додека на граѓаните им претстои скапа и крајно неизвесна грејна сезона. Инаку, сите правни лица кои се регистрирани со општа клаузула за бизнис согласно законските нормативи може да извезуваат техничко, огревно дрво и целулозно дрво, наведува оваа партија.

Политичката партија Левица итно бара од Министерот Николовски воведување времена забрана за извоз на огревно дрво со цел да се намали недостатокот на дрвна маса што директно се одрази и на производителите на пелети. Најголем дел од нив веќе најавија и второ зимско покачување на цената на овој вид енергенс поради увозната зависност. Се бара и енергетско преструктурирање на друг вид енергенси, а не само на огревното дрво, а со тоа ќе се намали и самата побарувачка, како и екстремното загадување на воздухот во текот на зимскиот период, информирање на јавноста за тоа колку тони дрвна маса месечно се извезува во други земји.

-Ваквите мерки се единствено решение за ублажување на кризата што и се заканува на Република Македонија, а огревот, храната и обувките спаѓаат во основните добра за живот. Да напоменеме дека државата најголем дел од дрвната маса пред забраната ја увезуваше од Србија и Босна и Херцеговина, велат од Левица.

Претходна вестКовачевски, Вучиќ и Рама со заеднички ставови ќе одат за Брисел
Следна вестПендаровски пак кажа силни зборови, овој пат ќе остане ли зад нив?