Ковачевски, Вучиќ и Рама со заеднички ставови ќе одат за Брисел

Премиерите на Македонија и на Албанија, Димитар Ковачевски, односно Еди Рама и претседателот на Србија, Александар Вучиќ сепак ќе одат на Самитот Европската Унија (ЕУ) – Западен Балкан што ќе се одржи утре во Брисел.

Македонскиот премиер Ковачевски во објавата на Фејсбук наведе дека Македонија има докажани пријатели во земјите членки на ЕУ.

-Тие се оние земји кои гледаат кон иднината, наспроти минатото и од кои ние, Албанија, но и регионот имаме целосна поддршка во исполнувањето на стратешката цел – членство во ЕУ. Јас, Еди Рама и Александар Вучиќ денес донесовме одлука, уште еднаш да ја потврдиме позицијата дека Северна Македонија, Албанија и Србија имаат европска иднина. Решивме дека треба, пред земјите пријатели, кои се посветени на напредокот на регионот на економски и политички план и кои се залагаат за брзи и одлучни евроинтеграциски процеси, да ги повториме нашите заложби за европскиот пат на целиот Западен Балкан. Доколку не се обезбеди прогрес на процесот на евроинтеграции, тоа ќе е сериозен проблем и удар врз кредибилитетот на ЕУ на Балканот. Нашите ставови на оваа тема ќе ги пренесеме заеднички, на самитот на ЕУ за Западен Балкан, во широк форум, во центарот на европската дипломатија, наведе Ковачевски.

И српскиот претседател Вучиќ на неговиот Фејсбук профил објави дека ги усогласиле принципите.

-По деталните и сеопфатни консултации со соработниците и членовите на владите, лидерите на трите земји донесоа одлука за заедничко одење на Самитот, при што се усогласени принципите кои ќе претставуваат основа за разговорите со бројни официјални лица на Европската Унија, напиша Вучиќ на социјалните мрежи.

Албанскиот премиер Рама на Твитер објави дека по меѓусебни консултации, тројцата лидери на земјите вклучени во Отворен Балкан, сепак, одлучиле да заминат за Брисел.

– Ќе присуствуваме на состанокот на Советот на ЕУ. Нема да има многу што да се слушне за нас, но ќе бараме да бидеме слушнати за идејата за Нова европска политичка заедница која ја поддржуваме, за Отворен Балкан кој го промовира духот на Европа и за нашето киднапирање од Бугарија што сето тоа го уништува. Само што слушнав дека нешто денеска се придвижува во Бугарија. Прерано е за оптимизам и премалку за промена на делот од утрешниот говор каде Бугарија ќе биде критикувана како земја која киднапирала две земји од НАТО додека има жешка војна на европската граница!, наведува Рама.

Претходна вестИ Морачанин против францускиот предлог: Отворените прашања со Бугарија треба билатерално да ги решаваме
Следна вестЛевица бара итна забрана на извозот на огревно дрво