Левица: Државата нема средства за младите што ја претставуваат Македонија на меѓународни научни олимпијади

Години наназад, вклучително и оваа, средношколците кои се дел од тимовите што ја претставуваат Македонија на научни олимпијади ширум светот каде што го веат македонското знаме и од каде што донесуваат бројни признанија и медали, мака мачат да најдат средства за воопшто да стигнат на тие натпревари, предупреди денеска партијата „Левица“.

Оваа опозициска партија наведува дека наместо последните седмици пред натпреварувањата да ги вложат за што подобро да се подготват, тие се принудени да одат од една до друга врата, барајќи некој да им излезе во пресрет за да можат да ја претстават Македонија.

„Левица“ укажува дека новата министерка за образование, Весна Јаневска, смета дека има недостаток во Законот за средно образование во смисла што во него не е предвидено доделување на финансиска поддршка од страна на МОН за ученици и нивни ментори за учество на меѓународни научни олимпијади, туку само доделување на стипендии доколку е освоено едно од првите три места, па најавува решението за овој проблем да се бара во корекции на Законот за средно образование во таа насока.

-Проблемот е системски, длабок и од суштинско значење за иднината на државата и луѓето што живеат овде. Ако состојбите денес се лоши, тогаш кој ќе ги промени на подобро утре? Нашата иднина си заминува преку границите со застрашувачка брзина, а државата ниту понуди, ниту, пак, сега нуди план за надминување на таквата алармантна состојба. Проблемот бара длабоки решенија, а не површни шминкања на одделни закони! „Левица“ ја повикува новатата министерка Јаневска да собере сила и храброст за да почне работите да ги решава од корен и систематски! Во овој момент не е потребно козметички да се надополнуваат празнините што го проголтуваат еден од најважните сектори во државата, туку напротив, потребни се итни и радикални промени во образованието, тврдат од партијата.

Претходна вестНајавено големо невреме на Халкидики, на туристите им е испратено предупредување преку СМС
Следна вестДЗР: ЈП за одржување на патиштата 12 години работи со блокирна сметка, новото возило за чистење снег им изгорело по 20 дена, горивото се точи од небаждарени пумпи…