Известување на министерот за земјоделство Љупчо Николовски за нов владин сет мерки за нов начин на субвенционирање на земјоделците за наредната година отвора многу сомнежи, реагира денеска партијата Левица.
Во соопштението се наведува дека вистинските земјоделци стравуваат дека намерата на измените во субвенционирањето е да се стави крај на индивидуалниот земјоделски производител кој живее од сопствениот труд, а на сметка на заштита на феудалците, крупните земјопоседници и олигархијата во државата. Се наведува дека она што е индикативно, е дека со новиот начин на субвенционирање земјоделците за да добијат субвенции ќе бидат приморани својот род да го предадат во домашни откупни центри.
-Па се поставува прашањето:Што станува со земјоделците кои произведуваат храна за сопствени потреби или сами ја продаваат на пазари? Што е со земјоделците кои произведената храна сами ја преработуваат во полупроизвод или готов производ па потоа ја пласираат на пазарот? Што е со земјоделците кои своето производство го предаваат на трети лица заради добивање на повисоки цени? Како ќе се субвенционираат лозаро-овоштарите чии насади да влезат во полна родност треба да чекаат по 5, 6 и повеќе години, период кој е потребен само за инвестиции во насадите, а род нема?, наведува Левица.
Левица напоменува дека секое лошо решение за земјоделците „наметнато од актуелната квинслиншка власт ќе биде блокирано, а интересите на земјоделците ќе бидат заштитени“.