Ковачевски и Бектеши: Парно и струја ќе има до крајот на грејната сезона

Корисниците во Скопје парно греење ќе имаат до крајот на сезоната а не се очекува дека ќе има проблеми со електричната енергија бидејќи сите домашни капацитети се во производна функција. Со вакво тврдење денеска излегоа директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски и министерот за економија Крешник Бектеши. Тие информираа дека утринава во 05:50 часот беа пуштени топланите на температура од 9 степени Целзиусови а потоа работеа до 09:15 часот кога се постигна надворешна температура од 12 степени.

-Во градот Скопје денеска има парно. Граѓаните треба да бидат безбедни бидејќи има обезбедено енергенс за до крајот на месецот, а следствено на тоа како понатаму ќе функционира приватаната гасна централа ТЕ-ТО ќе се знае дали ќе се повлекува топлинска енергија од ТЕ-ТО или и понатаму целосно ќе се произведува од топланите кои ги имаат под закуп од АД „Адора“, во топланите Исток и Запад, објасни Ковачевски.

Ковачевски рече дека АД ЕСМ максимално е подготвена за стартот на грејната сезона и во делот на електричната енергија.

-Денеска во функција се ставени и блокот 1 и блокот 2 во Битола, Термоелектраната во Осломеј која ќе работи еден краток период, а потоа ќе има мал застој за да може да се направат сервисни интервенции и од почетокот на ноември да биде во функција до крајот на грејната сезона. ТЕЦ Неготино во моментот работи со двата котли, значи со максимален капацитет од 180 мегавати снага испорачува во системот и дневна испорака имаме од околу 1 000 тони мазут кој овозможува непрекинато работење на ТЕЦ Неготино,нагласи Ковачевски.

Што се однесува, пак, до хидропотенцијалот, Ковечевски рече дека, тој во овој период најмалку се користи и во моментот е на ниво од околу 30 отсто што е просек за овој период од годината. За ресурсите во термоелектраните, Ковачевски вели дека јаглен има моментално на располагање од над 200 000 тони на депонијата во РЕК Битола и околу 50 000 тони на депонијата во РЕК Осломеј. Мазут има околу 15 000 тони во складиштата во ТЕЦ Неготино.

-Со ваквиот начин на функционирање и менаџирање на сите капацитети успешно ќе ја пребродиме и оваа грејна сезона и енергетска криза, додаде тој.

Министерот за економија, Крешник Бектеши уверува дека цела зимска сезона потрошувачите ќе бидат снабдувани во континуитет со електрична енергија од домашни капацитети.

-Ние не зависиме од другите држави. Ние сами се подготувавме за се да покриваме домашно за да немаме зголемување и на цените и дополнително на тоа да не зависиме од тоа што би се случило во регионот, во Европа или, пак, глобално. Ние не зависиме од другите, ние ги правиме нашите подготовки, ние ги вклучуваме сите наши капацитети, а секако дека сите предлози се добредојдени, ќе ги разгледаме и како што сме ветиле најдобрите понуди во интерес на граѓаните ќе бидат прифатени од наша страна се со цел најевтино да ја поминеме оваа зимска сезона во делот на производство на електрична и на топлинска енергија, рече Бектеши.

Претходна вестПрво истепал три лица па се нафрлил и на полицаец
Следна вестЛевица: Новиот предлог за субвенции на МЗШВ – крај на индивидуалниот земјоделски производител