Левица: Предлог-законот за употреба на македонскиот јазик не придонесува за негова заштита

Предлог-законот за употреба на македонскиот јазик не придонесува за негова заштита и афирмација, велат од политичката партија Левица. Од оваа партија предлагаат донесување единствен Закон за македонскиот јазик како службен/државен јазик и другите јазици како службени на регионално и локално рамниште, во склад со Конвенцијата на ЕУ за регионални и малцински јазици.

– Владата пред два дена го усвои Предлог-законот за употреба на македонскиот јазик чиј предлагач е Министерството за култура, предлог кој повторно не допридонесува за заштита и афирмација на македонскиот јазик.

Имено, се предвидува основање на Инспекторат за употреба на македонскиот стандарден јазик за вршење инспекциски надзор над примената на Законот, орган кој би бил во состав на Министерството за култура со својство на правно лице. За споредба, Инспекторатот за албански јазик (предвиден со Законот за употребата на јазиците) е орган на Министерството за правда.

Според ова, Инспекторат во рамки на Министерството за култура ќе има подреден статус/ингеренции во однос на Инспекторатот во рамки на Министерството за правда.

Од овој аспект, и досега, по донесување на Законот за употреба на македонскиот јазик од 1998 година, се забележува непочитување на законските мерки и негрижа за македонскиот јазик, како што се: занемарување на правописните норми, нивно несоодветно користење, нелекторирање или нестручно лекторирање, недоследности во реализацијата на наставата по македонски јазик на сите образовни степени, како и неправилности во говорното изразување во медиумите и воопшто во јавната сфера.

Иако Законот за употреба на македонскиот јазик предвидува ригорозни казни за непочитување на јазичните норми, тие не се спроведуваат во пракса, истакнуваат од политичката партија Левица.

Од Левица предлагаат донесување единствен Закон за македонскиот јазик како службен/државен јазик и другите јазици како службени на регионално и локално рамниште, во склад со Конвенцијата на ЕУ за регионални и малцински јазици.

Претходна вестУченик давел врсник и со нож се заканувал во училиште во скопски Аеродром
Следна вестГоривата поевтинуваат, од ноќеска на полноќ дизелот ќе чини 67 денари за литар