При донесувањето на ДУП-от за населба Лисиче се прекршени повеќе процедури и тој ќе биде оспорен, најави советникот Горан Костовски од „Левица“ во Советот на општина Аеродром.
Тој објасни дека освен што точката е ставена вон Деловникот на општината, односно, ДУП-от бил донесен и како „дополнителна точка“ на самата седница, а немало итност.
-Не помина на Комисија за урбанизам каде јас сум член. И затоа ќе следува претставка. Исто така, по Деловникот на Општина Аеродром, кога се носи ваква „итна“ точка, било кој советник може да побара пауза од неколку часа, доколку сака да спреми амандмани. Меѓутоа, мене тоа деловничко право не ми беше овозможено од претседателот на Советот, Дејан Митески за што ќе следува и преставка до инспекторатот за локална самоуправа. Дополнително, планот добил и позитивно мислење од Министерството за транспорт и врски без потпис на досегашниот министер Благој Бочварски, или негов заменик. Меѓутоа, одобрувањето е ден пред седницата, а министерот е во оставка и не може да одобрува ДУП. Така што, ова ќе се спори и на Уставен суд, посочи Костовски.
Според него, ако се изгради зграда од 12 ката, тогаш Лисиче ќе биде под канџите на градежната мафија, која ќе почне насилно да им ги откупува бараките на локалните староседелци.
Наместо Лисиче да остане населба со индивидуално домување таа ќе прерасне во урбанистичка грдосија налик на стар Аеродром.
Советниците од Левица најавуваат дека следи кривична пријава за несовесно работење во службата до претседателот на Совет, Дејан Митевски, поради одземање на советничкото право за поднесување амандмани и насилничко прекршување на Деловникот, поради што и видеото од седницата општинската администрација го скрил како приватно за јавноста да не може да го гледа.
ДУП-от беше усвоен со 16 гласа „за“ од страна на советниците на ВМРО-ДПМНЕ, а „Левица“ и СДСМ гласаа „против“.