Левица: Ако не биде донесен нов Закон за попис, продолжуваме со кампањата „Не отворам врата“

Мора да се донесе нов закон за пописот, инсистираат од „Левица“. Од оваа партија велат дека имаат индиција дека одлагањето на донесувањето на новиот Закон за попис, е намерно издејствувано и договорено, за да може како што велат, кампањата на нелигитимниот попис сепак да започне.

-Скандалозната изјава на министерот за правда, Бојан Маричиќ, дека добиените податоци ќе бидат внесени во пописот во октомври, навестува дека владејачката коалиција се обидува да ги спречи сите обиди за усвојување нов закон и методологија и реализирање на пописен фалсификат. Фактот дека на лидерската средба беше одлучено да продолжи пописот во дијаспората, што патем е еден преседан во европската практика, јасно покажува дека обидот за фалсификат е само пролонгиран, велат од Левица.

Тие посочуваат дека имаат силни сомнежи дека во наредните неколку дена власта, ќе врши тивко попишување, со цел да се одолговлекува процесот на одложувањето на Законот за попис, колку што е можно подолго.

-Очигледно е дека власта е спремна насилнички и противзаконски да го спроведе. А на ова укажуваат фактите дека Македонија е единствена земја каде се попишува дијаспора, единствената земја каде граѓани ќе се попишуваат само со давање на ЕМБГ, единствената земја каде трети лица можат да даваат лични податоци кои се заштитени со меѓународни конвенции, единствената земја каде во законот за попис јасно не се дефинирани документите за индетификација, единствена земја каде на една партија (ДУИ) со само 15 пратеници во Собранието и е дадено моќ на ВЕТО. И на крај, единствена земја каде, членови на Владата, на државна сметка лобираат по други држави за попишувањето само на една етничка заедница, потенцираат од Левица.

Од партијата ги повикуваат граѓаните да пружат пасивен отпор и да им кажат големо НЕ на како што велат насилничките власти, доколку се дрзнат да го започнат пописот без донесување на нов Закон за попис по сите меѓународни стандарди и со консензус од сите парламентарни партии.

Во спротивно, од Левица потенцираат „сите заедно сплотени НЕ ОТВОРАМЕ ВРАТА на фингиран попис“.

Претходна вестКому Шеќеринска пиша „Браво“; Претседателе кажи „Со срце за Македонија“…
Следна вестНови 79 хоспитализирани со ковид во Скопје, 1.649 во цела држава