Кому Шеќеринска пиша „Браво“; Претседателе кажи „Со срце за Македонија“…

Сите се израдуваа на големата победа на Горан Пандев и неговата репрезентативна чета брз германската репрезентација. Се израдуваа и политичарите.

Со крајно различени честитки во однос на употребата на името Македонија државните раководители и опозициските политичари им го честитаа триумфот на македонските фудбалери. Така, додека кај актуелни државни функционери никој не се осмели да употреби име Македонија, ниту пак уставното име на државата, опозициските лидери го користеа името Македонија. Сето тоа предизвика и лавина коментари на граѓаните.

Претседателот на државата Стево Пендаровски на својот Фејсбук профил објави куса честитка придружена со симболот на македонското државно знаме.

-Национална гордост. Со срце за победа. Браво!, напиша Пендаровски.

Ваквата честитка повлече и бројни реакции при што само до узутрина имаше околу шест илјади коментари на граѓаните.

-Со срце за Македонија речи, претседателе на Македонија, прокоментира еден граѓанин, а многу беа слични.

Премиерот Зоран Заев, пак, во својата честитка го употреби терминот „македонски репрезентативци“.

-Вечерва цела Европа виде дека македонскиот фудбал е европски и светски! Честитки за нашите борци кои ни носат нови победи и нови подвизи. 🇲🇰⚽  Имаме победа над селекцијата на Германија на квалификациите за Светското првенство во Катар 2022.  Во овие тешки времиња, моментите на радост и гордост што македонските репрезентативци ни ги носат се потребни и добредојдени во секој дом, потенцира Заев.

Се чини, најмногу револт кај граѓаните предизвика честитката која што ја објавила министерката за одбрана Радмила Шеќеринска.

-Браво!, беше единствен збор објавен на нејзиниот профил на Фејсбук.

Тоа предизвика и вистинска лавина на коментари на граѓани кои сметаа дека ваквата честика не е адекватна.

-За кој браво? Браво за што? Не се срамувај, напиши како со треба Браво Македонијо не со пола уста! Од што Браво? Јаболко, Јагода? Ние од српски коментатори ќе слушаме браво Македонијаа, браво Македонции!!!, беа само дел од околу 1.800 коментари под нејзината објава.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров, пак, напиша следна честитка.

– Ми пиша еден пријател од кабинетот на Меркел со честитки. Му одговорив дека се надевам ова нема да значи крај на нивната поддршка. Браво јуначишта, историска победа за македонската репрезентација! Гордост!

Фудбалерите заедно со селекторот синоќа одржаа повеќе корисни лекции. Една беше и дека со срце и гордост треба да се носи македонскиот дрес. Ќе ја научат ли политичарите таа лекција?

Претходна вестОграбил двајца таксисти во Скопје ставајќи им нож под грло
Следна вестЛевица: Ако не биде донесен нов Закон за попис, продолжуваме со кампањата „Не отворам врата“