Спроведувањето на попис за време на пандемија е кривично дело и е спротивно на задолжителните норми на меѓунарното право и на стандардите на Еуростат, се наведува во иницијативата со која „Левица“ пред Уставен суд го оспори Законот за попис на населението.
Лидерот на партијата Димитар Апасиев денеска изјави дека спроведување на попис во време на пандемија е спротивно на позитивното кривично право кое предвидува кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија”. Тоа е спротивно и на членот 39 од Уставот кој вели дека должност на секој граѓанин е да го чува и унапредува како сопственото, така и здравјето на другите.
–Вториот основ по кој што го спориме овој закон е тоа што тој е спротивен на задолжителните норми на меѓунарното право и на стандардите на Еуростат. Имено, со цел да се шверцува во собраниска процедура му беше ставено европско знаменце, но сите пет ЕУ регулативи кои се наведени, во суштина се лажно фингирани. Нема законски дефиниции, нема утврдена методологија, нема образец на прашалник, нема резидентно население, потенцира Апасиев.
Левица смета дека е спротивно на неповредливоста на домот и ја повредува приватноста гарантирана во Европската конвенција за човекови права можноста да се даваат лични податоци кои се законски заштитени за отсутен член на домаќинството.
–Четвртиот основ е владеењето на правото. Законот за попис е во директна колизија со дури три специјални закони кои се однесуваат на Системот на кризен менаџмент, кој е веќе покренат. Имено, до 30-ти јуни имаме прогласено кризна состојба и до овој датум не е возможно правно да се спроведе попис. Тие закони се: Законот за управување со кризи, Законот за заштита на населението од заразни болести и Законот за заштита и спасување, рече Апасиев.