Честитки од Воскопулос: „Лидл“ во Лерин почна да го употребува македонскиот јазик

Познатиот синџир на супермаркети „Лидл“ почнал да го употребува македонскиот јазик во градот Лерин во Грција. Веста за ова на својот профил на социјална мрежа Фејсбук ја објави Павлос Воскопулос Филипов, еден од основачите и лидерите на организацијата на Македонците во Грција „Виножито“. Тој наведе дека се работи за ознаките ставени на тоалетите во овој супермаркет со кои на македонските граѓани им се укажува да не ги фрлаат хартиените крпи во тоалетот.

-Честитки за одговорни за „Лидл“ во Флорина. Бидејќи има многу муштерии од соседна Битола, во тоалетот ставаат знаци на три јазици, напиша Воскопулос.

Во изјавата за „Скопско Ехо“ тој рече дека ова е за поздравување.

-Досега македонскиот јазик не можеше да се сретне на јавни места во Лерин. Ова е за првпат и е позитивен чекор, ни рече Васкопулос.

Во објавата тој потсети на судењето во Грција  на членовите на Виножито откако во 1995 година над своето седиште поставиле табла испишана на грчки, англиски и македонски јазик – „Виножито – Лерински комитет“. Тоа предизвикува остра реакција на грчките васти и на 13 – ти септември грчката полиција ја отстранува таблата, а група граѓани предводени од градоначалникот на Лерин „спонтано“ ги запалија просториите на партијата. На 14 септември 1995 година, месниот суд во Лерин го обвинува Павле Васкопулос и неговите сопартијци Васил Ромас, Костас Тасопулос и Петрос Василидис, сите членови на Централниот совет на „Виножито“, за „поттикнување насилство“ и „нарушување на мирот“ поради поставувањето натпис со името на партијата на Македонски и на грчки јазик пред нивните канцеларии во Лерин. Но, наскоро, обвинетите добиваат поддршка од меѓународните организации како Амнести интернешенл и во 1998 година, под притисок на меѓународната јавност грчките власти попуштаат, а Воскопулос и неговите сопартијци се ослободени од сите обвинувања.

Грчките власти минатата година го регистрираа Центарот за македонски јазик како  невладина организација (НВО).  Станува збор за прва невладина организација во Грција, која директно ќе се грижи за македонскиот јазик и која законски е регистрирана од страна на грчките државни органи.

-Овој чин претставува де факто признавање на македонското говорно население во Грција, оценија тогаш од Центарот.

Одлуката на судот претставува прво официјално признавање на македонскиот јазик во Грција од државните органи после пописот на населението во Грција спроведен во 1920 година. Центарот најави дека во наредниот период ќе се насочи кон исполнување на своите цели од Статутот кои предвидуваат изучување на македонскиот литературен јазик од страна на граѓаните на Грција, преку интернет-страница, поддршка на заложбите за идно воведување на македонскиот литературен јазик како изборен предмет во јавните училишта, како и поддршка на заложбите за идно формирање на педагошки училишта/одделенија во рамките на постоечките универзитети во Грција за обука на наставници по македонски јазик, како и за изработка на наставни програми и наставни материјали.

 

Претходна вестСДСМ: Горди сме на нашите реформи во образовниот систем, а на наставниците им покачивме плати
Следна вестИџе слави, пак е европски шампион, пак ги „прелета ридиштата“…