Убава вест соопшти денеска Македонско еколошко друштво дека нивен тим минатата ноќ лоцираше нова рисица во кафез-замката што била направена минатата недела, а поставена пред само три дена.
-Среќна вест! Тимот на МЕД минатата ноќ лоцира нов женка рис, и тоа во кафез-замката што беше направена минатата недела, а поставена пред три дена. Женката рис Луна пред само неколку часа беше лоцирана на планината Буковиќ, во близина на Стража. Тешка е 16 килограми и е во одлична здравствена состојба. Откога ѝ беа направени потребните прегледи и ѝ беше поставен околувратник преку кој ќе го следиме нејзиното движење, таа беше пуштена на слобода, велат од МЕД.
Од МЕД велат дека е крстена Луна бидејќи е најдена на полна месечина.
– Половина час по полноќ, добивме аларм дека во кафез-замката има рис и веднаш се упативме на терен. Стигнавме на локацијата околу 3 часот по полноќ и почнавме со редовната процедура при заловување нов рис. Овој пат среќни сме што рисот е женка и е во одлична состојба. Тежи 18 килограми. Ја крстивме Луна бидејќи ја најдовме на полна месечина, изјави Искра Манојлоска за „Макфакс“, координатор за комуникации во Македонското еколошко друштво.
Балканскиот рис е национален симбол на Македонија и се наоѓа на монетата од пет денари. Рисот се смета за најголема мачка на континентот. Балканскиот рис е на работ на истребување. Се проценува дека има останато 100-ина единки. Почнува да се пари во јануари до февруари, а младенчињата се раѓаат во април.