Страшно е што Македонија не може да ги почне преговорите поради Бугарија, тие треба да почнат веднаш, изјави министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Петер Сијарто, кој е во посета на државата. Тој вети дека откако Унгарија ќе го преземе претседавањето со ЕУ ќе направи се за да се забрза процесот на пристапување на Македонија и Западен Балкан во ЕУ.
-ЕУ има потреба од Западен Балкан. ЕУ треба да признае дека местото на Западен Балкан е таму и проширувањето на Унијата треба да почне веднаш и вистинските преговори со Северна Македонија треба да почнат веднаш. За нас, ова е страшно, страшно е што Бугарија го блокира писмото што требаше да ѝ се испрати на Северна Македонија пред неколку недели. Таа е кандидат веќе 18 години и да не може да ги почне преговорите е одвратно, тоа покажува непочитување на земјата. Кога ќе го преземеме претседателството со ЕУ, ќе ги превртиме сите камења за да бидеме сигурни дека пристапувањето на Северна Македонија и на целиот Западен Балкан ќе се случи што е можно побргу, прецизира шефот на дипломатијата на Унгарија.
Во однос на екстрадицијата на поранешниот премиер Никола Груевски, во Македонија, Сијарто денеска во Скопје го повтори ставот на официјална Будумпешта, односно дека унгарското Министерство за надворешни работи не може да се меша во работата на тамошното правосудство.