Македонија и натаму останува во категоријата „делумно слободни земји“ во извештајот на „Фридом хаус“

Македонија и натаму е „делумно слободна земја“ според рангирањето направено во годишниот извештај „Слободата во светот“ на организацијата „Фридом хаус“. Како што пренесува Гласот на Америка на македонски јазик, нашата земја останува во категоријата делумно слободни земји во друштво со Албанија, Косово, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Унгарија, Украина и Молдавија.

-Северна Македонија е парламентарна република. Земјата продолжува да се бори со корупцијата, и додека медиумите и граѓанското општество учествуваат во енергичен јавен дискурс, новинарите и активистите се соочуваат со притисок и заплашување, пишува на интернет страницата на „Фридом хаус“ за состојбата во Македонија.

Инаку, општа оценка во Извештајот е дека глобалната слобода продолжи да се влошува и во 2023 година, што е тренд кој трае 18 години по ред. Најголем пад за последниве десет години од државите во регионот имаат Србија која бележи пад за 21 поен, како и Босна и Херцеговина со намалување на 10 поени.

Изборни манипулации, војни и напади врз плурализмот се клучни двигатели на глобалниот пад, според „Фридом хаус“. Речиси 38 отсто од луѓето во светот сега живеат во земји оценети како неслободни, 42 отсто живеат во делумно слободни земји и само 20 отсто живеат во слободни земји.

-Глобалната слобода направи голем чекор наназад во 2023 година. Светот се соочува со уште еден клучен тест во 2024 година, бидејќи милијарди луѓе се упатуваат на гласање, како и заради повеќето вооружени конфликти, вклучително и во Источна Европа, Јужен Кавказ и Блискиот Исток, на поголем дел од глобалното население ќе им бидат ускратени основните слободи во годините што следат, што на крајот ќе влијае на мирот, просперитетот и безбедноста, рече Мајкл Џеј Абрамовиц, претседател на „Фридом хаус“.

Претходна вестАларм за светот: 4 деца во Газа починаа од глад, а 7 се во критична состојба
Следна вестФК Брера отвора фан-шоп во центарот на Струмица