Македонија на мегдан со Украина во Прага

Фудбалската репрезентација на Македонија попладнево ќе гостува во Прага, кај Украина, во рамките на квалификациите за пласман на Европското првенство. Натпреварот во Прага ќе започне во 15 часот.

Првиот натпревар на овие две репрезентации, одигран на 16 јуни во Скопје заврши со триумф на Украина 2:3. Македонија имаше предност 2:0 и целосна контрола врз играта и резултатот 60 минути. На крајот Украинците успеаја да направат пресврт.

– Не е потребно да се трошат зборови за квалитетот на Украина. Од друга страна, Македонија многу пати покажа дека може да е конкурентна и со такви ривали. Ме радува нашата форма од септември и се надевам ќе ја задржиме. Доаѓаме во фаза двете селекции да се борат за втората позиција и само победа би ни одговарала. Очекувам отворен натпревар со допадлив фудбал. Мора да бидеме пофокусирани за време на сите 90 минути, а не само 60-65 како што беше во Скопје. Првиот натпревар е детално анализиран, воочени се аномалии во текот на целиот дуел и се надевам тие нема да се повторат. Имаме измени во тимовите од јуни, од тој аспект очекуваме да постои разлика од јунскиот дуел. Во составот нема да биде само Зајков кој се повреди. Сите останати се здрави, се надевам така и ќе остане. Украинците во својот ростер има голем број на исклучително квалитетни играчи. Сметам дека нема да се почувстсвуваат одредени отсуства кај нив. рече меѓудругото на вчерашната прес конференција селекторот Благоја Милевски.

Англија е лидер во Ц-групата со 13 поени пред Италија, Украина и Македонија со седум, Малта е без освоен бод. Италија има натпревар помалку од конкурентите во групата.

Претходна вестХероите Боро, Бајрам, Перо… сложно се бореа и заедно загинаа за Македонија
Следна вестИзвлече ли поуки здравствениот систем од корона кризата, поподготвен е сега?