Извлече ли поуки здравствениот систем од корона кризата, поподготвен е сега?

Најверојатно Министерството и Комисијата не прават анализи каде грешеа минатите две пандемиски години, затоа што тие и не прифаќаат дека често грешеа. Среќа новиот вирус е слаб и плус ние самите сме сега поискусни, ни прокоментира Ванчо З.

Македонскиот здравствен систем е болникав. Во некои периоди ептен е болен. Така беше за време на пандемијата. Здравството не одговори баш соодветно на предизвикот, слушаше често само наредби од „други авторитети“. Се извлекуваат ли сега поуки од тоа?

Еве, веќе се споменува некоја си нова подваријанта на корона вирусот. Комисијата за заразни болести неодамна даде препорака за носење на маски во здравствените институции. Но, што друго се прави? Се врши ли едукација на матичните лекари, се прават ли планови, се прават ли протоколи за лекување, се укажува ли на населението која е превенцијата, се набавуваат ли навремено потребните лекови…? Или се ќе биде инпровизација како и за време на ковид – пандемијата?

Познатиот епидемиолог Драган Даниловски веќе жестоко ги прекори одговорните зошто до сега не го набавиле лекот „Паксловид“ кој што ќе им се дава на оние болни кои можат брзо да добијат потешка клиничка слика. Всушност, опасноста којашто сега се јавува со надоаѓањето на новата подваријанта е дали таа може да ги загрози оние пациенти кои боледуваат и од други болести. Ужасната пандемија пред две години најмногу жртви однесе токму меѓу таквите пациенти. А таква опасност, и покрај сиот стекнат колективен имунитет меѓу граѓаните на болеста, и сега постои. Оттаму, прашањето е и дали здравствените власти кои не побрзале да го набават лекот „Паксловид“, извлекоа некои поуки од прекланската пандемија за да справувањето сега биде подобро.

-Најверојатно Министерството и Комисијата не прават анализи каде грешеа минатите две пандемиски години, затоа што тие и не прифаќаат дека често грешеа. Среќа новиот вирус е слаб и плус ние самите сме сега поискусни, ни прокоментира Ванчо З.  

Тогаш, за време на пандемијата, се сеќаваме, на виделина излегоа бројни пропусти во здравствениот систем: немаше доволно тестови, на заболените им се препишуваа антибиотици во големи количества, немаше единствени протоколи, матичните лекари имаа слаби врски со специјалисти, во болниците имаше лоши услови… Сега, прашањето е дали ова може пак да се повтори, дали нашиот здравствен систем е сега поподготвен отколку тогаш?

-Не сметам дека Министерството за здравство е подготвено за новиот сој. Ете, лекот „Паксловид“ кој успешно се користи во светот не е набавен. Инаку, термини за тестирање има, а за маските мислам дека ги има во доволен број благодарение на приватниот сектор, ни вели Ленче Арџановска.

Слично мисли и Валентина Костоска:

-Не се подготвени во здравството и вака не се води грижа за народот. Како само тендери и профит да ги интересираат, ни рече Костоска.

Ова очигледно укажува дека граѓаните очекуваат посериозен однос од министерството и  првенствено од Комисијата за заразни заболувања. Можеби пак треба да се размислува за проширувањето на Комисијата и со други медицински експерти за да се имаат предвид сите предупредувања, сознанија и предлози. Минатиот пат некои експерти беа игнорирани, а од оваа временска дистанца јаснио се гледа дека зборуваа добри работи.

Не се направи сериозна анализа за високата смртност

Од крајот на пандемијата – па се до сега, не се направи ниту сериозна анализата на високата смртност од корона вирусот. Последните податоци покажуваат дека Македонија со 9.942 починати, односно, 4.776 починати на еден милион жители, е на високо петто место во светот (по Перу, Бугарија, Уганда и БиХ). Анализа на смртноста се најавуваше во неколку наврати, но никогаш детално не се прикажа. Наместо тоа, на јавноста само и се соопштуваше дека причината се голем број на комордибитети кај заболените, ниската здравствена култура и слично… А само тоа ли беа причините?

Претходна вестМакедонија на мегдан со Украина во Прага
Следна вестЕдукативни работилници на МВР во Скопје, Битола и Велес: Како против булингот и „Кажи не на дрогата, да на животот“