Македонија на отворањето на ЕП против Франција, на стадион пред 50.000 луѓе!

Ракометната репрезентација на Македонија, на стартот на Европското првенство (ЕП) 2024 година во групата А, утре (18 часот) ќе игра против олимпискиот првак, Франција. Потоа се среќава со домаќинот Германија, на 14-ти (20.30), и на крајот, во третото коло, на 16 јануари против Швајцарија (18ч).

Првите две селекции од секоја од шесте групи (од вкупно 24 репрезентации) одат во втората фаза.

За Македонија ова ќе биде осми настап на ЕП.

Македонија на отворањето на ЕП, против Франција, ќе игра на стадионот „Меркур Шпил Арена“ во Дизелдорф, пред 50.000 гледачи што ќе претставува нов рекорд според гледаност на еден ракометен меч.

Македонските ракометари вчера го одржаа првиот тренинг на германско тло, а денеска ќе имаат можност да го почувствуваат и теренот на стадионот.

– Атмосферата во репрезентацијата е одлична. Трениравме напорно во изминатиот период и со нетрпение очекуваме да почне првенството. Ќе биде навистина посебно да се игра пред толку многу публика, на стадион. Играме против Франција, која е еден од фаворитите за златниот медал. Но и ние имаме победнички менталитет, ќе се обидеме да одиграме што е можно подобро, вели Филип Кузмановски.

Претходна вестСудски совет по упадот во М-НАВ: Судовите се независни во одлучувањето
Следна вестОд 22 до 28 јануари ќе се избере техничка Влада