Градоначалничката на Македонска Каменица, Соња Стаменкова, отвори значајно прашање за долгорочната економска стабилност на општината, иницирајќи размислување за иднината во услови кога рудникот, најголемиот економски субјект во регионот, би можел да престане со работа.
Со оваа иницијатива, Македонска Каменица станува првата општина во Македонија што јавно и институционално отвора процес на планирање за економска транзиција по евентуалното затворање на рудникот, поставувајќи пример за стратешко и одговорно управување со локалниот развој.
Соња Стаменкова, градоначалничката на општината посочува дека зависноста од еден доминантен индустриски оператор претставува сериозен ризик за локалниот економски развој и затоа е неопходно навремено планирање на алтернативни можности за раст и вработување.
„Мораме да размислуваме и за живот без рудник – за да не зависиме од нов голем оператор кој може да замине кога ќе нема потреба да остане“, истакна Стаменкова.
Во таа насока, градоначалничката се обратила до премиерот и до Владата со иницијатива за изработка на национална стратегија што ќе овозможи праведна економска и енергетска транзиција за Македонска Каменица.
Предложените насоки вклучуваат развој на нови стопански гранки, отворање работни места, програми за преквалификација и поддршка на работниците, како и засилен регионален развој и подобрување на инфраструктурата.
Целта, како што се наведува, е преку партнерски пристап меѓу Владата, локалната самоуправа, стопанството и граѓаните да се обезбеди стабилна и одржлива економска иднина за општината. Од локалната власт изразуваат очекување дека ова прашање ќе биде препознаено како регионален приоритет, додека општината паралелно ќе продолжи со креирање развојни и одржливи политики.