Да се крене востанието. Ова била една од најтешките, најважните и најисториските одлуки кои во своето постоење ги донела Македонска револуционерна организација основана во 1893 година. А ова се случило на денешен ден, 3 јануари, во 1903 година. Во Солун се одржал Конгрес на македонските револуционери.
Солунскиот конгрес од 1903 година заседавал од 2 до 4 јануари. Најважната одлука за кревање на востанието била донесена на 3 јануари иако големиот дел од видните револуционерни дејци се изјасниле против кревање на востание. Сето тоа се должело на различните визии за патот на македонскиот народ за ослободување од турското ропство.
На конгресот присуствувале 17 делегати. Централниот комитет на Иван Гарванов и Задграничното претставништво – Христо Татарчев и Христо Матов уште кон крајот на ноември 1902 година биле решени за кревање на востание. Гоце Делчев бил поканет на Конгресот, но тој сепка не присуствувал на него, а неговиот став бил дека „ не треба да се прибегне кон масовно востание, туку да се обмисли нов начин на работа…“. Серскиот револуционерен комитет побарал мислење од Јане Сандански по прашањето за востание, а тој од своја страна организирал собир кој се изјаснил против по тоа прашање. Вакви консултации имало и во Скопје, а нивниот делегат Димитар Ганчев бил задолжен да бара одложување на востанието барем за една година…
Но, сето тоа било недоволно. По само час и половина од работата на Конгресот се прифатил и потпишал Протоколот за извршената работа и преземените решенија.
Решително против востанието се изјаснил само серскиот делегат Димитров, но на крајот и тој се присоедини кон заедничкото мнение. Скопскиот делегат Димитар Ганчев, испратен со директива да дејствува за одлагање на востанието бар на една година, исто го потпиша затоа што и другите потпишале.
Најважниот аргумент против востанието – недостигот на доволно оружје во повеќето реони – било до извесен степен демантирано од уверувањата на Иван Гарванов, дека за скоро време ќе се случат крупни доставувања, како и од надежта, дека при општо востание, четите од Бугарија ќе префрлат значително количество пушки и други материјали. По донесување на решението за востание од страна на Солунскиот – Јануарски конгрес, окружните комитети биле задолжени да ги преземат потребните мерки за забрзување на подготовките за кревање на востанието. На тој начин црелокупниот организационен механизам на Организацијата бил ставен во движење.
Ѓорче Петров истакнува дека во одлуката за кревање на востание влијаело во голема мера и војводскиот кадар кој станал нетрпелив.
Потоа, познато е, Илинденското востание се кренало на 2 август 1903 година, а со што македонскиот народ решавачки тргнал во борба за слобода. За жал, востанието сурово било задушено бидејќи пред се востаниците немале доволно сили и оружје за долга и тешка борба. Со тоа како да се потврдиле ставовите на оние револуционери кои сметаа дека тоа ќе биде преурането. Но, жарот за слобода не згаснал, напротив…