Вработените сами да дадат предлог за нов медицински директор на Клиниката за токсикологија, побарала денеска заменик-министерката за здравство Маја Манолева. Таа денеска остварила средба со дел од стручниот колегиум и претставници на лекарскиот колегиум од Универзитетската клиника за токсикологија.
На средбата, како што соопштија од Министерството за здравство, било дискутирано за состојбата и функционирањето на Клиниката. Заменик-министерката Манолева побарала од стручниот и лекарскиот колегиум да дадат предлог за именување на медицински директор, кој треба да ги исполнува условите согласно законот.
Претставниците од Клиниката за токсикологија ја информираа заменичката дека во најбрзо време ќе се состанат и ќе достават предлог до Министерството за здравство.
Инаку, медицинскиот директор беше разрешен со одлука на министерот за здравство Илир Демири, но тој не ја разреши и економската директорка Бесија Иљази, поради чие работење и однесување неколку месеци траат незадоволства во Клиниката за токсикологија. Иљази за директорка ја назначи тогаш новиот министер за здравство Демири и тоа само еден ден пред почетокот на изборната кампања.