Мултимилијардерот Илон Маск го повика населението во резвиените земји да има повеќе деца, бидејќи во спротивно, како што наведе, ќе исчезнат културите на Италија, Јапонија и Франција. На политичкиот фестивал Артеју во Рим, кој го организираше екстремно десничарската партија Браќа на Италија, на која ѝ припаѓа и премиерката Џорџа Мелони, тој порача дека имањето повеќе деца е единствениот начин да се запре намалувањето на бројот на жители што им се заканува на многу економски напредни земји.
Тој смета дека имиграцијата не може да ги реши демографските проблеми со кои се соочуваат економските сили, вклучувајќи ги Италија и Јапонија.
– Мојот совет до лидерите на владите и луѓето е: Погрижете се да имате деца за да создадете нова генерација, рече Маск.
Милијардерот има 11 деца со 3 различни мајки, а на фестивалот излезе со едно од своите деца во прегратка, велејќи дека демографијата е важна. Тој ја смета Италија за неверојатна земја која е добра за инвестиции, но компаниите се прашуваат дали ќе има доволно луѓе за работа.
Маск ја поддржа легалната имиграција, се спротивстави на илегалните имиграции и им порача на земјите дека треба да го прифатат секој оној кој е чесен и кој е подготвен да работи напорно, пренесува „Евроњуз“.